На клиниката за женски болести и породување во Сплит работи докторката Анет Папазовска-Черепналковски, која пред малку повеќе од една година заминала од Македонија и патот ја донел во Хрватска, каде што се вработила. Ова е нејзината приказна:
„Сплит многу ми се допадна при посетите во неколку наврати – поради својата работа како лекар, доаѓав во овој прекрасен град. Постојано размислував за тоа колку би било убаво со своето семејство да се преселиме во Сплит и да уживаме во прекрасната клима. Како што се запознавав со повеќе колеги, се родија желбата и идејата да дојдам и да работам во Сплит, со оглед на тоа дека неонатолозите се дефицитарен кадар во клиниката. Бидејќи имав искуство од работењето на Клиниката во Скопје, потребно беше само да се одлучам на тој чекор“, истакнува Анет.
Нејзиниот сопруг Александар нашол работа во Сплит уште пред неа. Работи во компанијата „Ериксон-Никола Тесла“ од 2015 година. Анет се пријавила на јавниот оглас на Сплитската клиника, па кога поминала, потребно било да ја започне борбата за добивање на сите потребни документи за да може да почне да работи во Хрватска.
Потребно било нострифицирање на дипломата од Медицинскиот факултет, дипломата од педијатриската специјализација, па да полага државен испит во министерството за здравство на Хрватска, потоа да добие лиценца за работа, па на крајот да потпише договор со клиниката во Сплит. Целиот тој процес траел околу една и пол година.
Таа не се жалела и на животот во Македонија, но во Хрватска примањата се поголеми, а лекарката, заедно со својот сопруг, сметала дека нивните деца во Хрватска би имале подобра едукација и би им биле отворени повеќе шанси, со оглед на тоа дека земјата е членка на ЕУ. Анет вели дека одлично се вклопила во клиниката и добро била прифатена од колегите. Останала во контакт и со колегите во Македонија, на кои постојано им го пренесува позитивното искуство од Сплит.
„Повеќе лекари во Македонија одат да работат во приватните клиники бидејќи таму платите може да бидат и до 1.500 евра, што е многу подобра плата отколку во државната служба“, вели Анета. Таа во моментов во Хрватска има статус на привремен престој (5 години), по што ќе може да бара и постојан престој во земјата.
Лекарката истакнува дека во Сплит немала никакви негативни искуства. Имала само мали проблеми при комуникацијата со луѓето, односно на почетокот колегите не ја разбирале добро што зборува, но таа сега го владее хрватскиот јазик. „Некогаш родителите од малите деца што ми се пациенти ме гледаат чудно, бидејќи имам акцент, па се прашуваат од каде сум. Повеќето сметаат дека сум од Русија, но грешат, јас сум Македонка заљубена во Сплит“, заклучува докторката Анет Папазовска-Черепналковски.
Интервју за медиумот „Слободна Далмација“