Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага против две лица на возраст од 24 и 22 години за палење на автомобил марка „ауди кју 5“ на 9 март годинава. Станува збор за палењето на автомобилот што го користеше семејството на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Двајцата осомничени се товарат за делото тешки дела против општата сигурност. Тие вчера беа приведени од полицијата, а по барање на обвинителството судот им одредил и мерка притвор од 30 дена. Притворот за нив бил побаран поради опа сност од бегство, од влијание на сведоци и поради повторување на делото.
Според соопштението од ОЈО Скопје, еден од осомничените со такси од Ѓорче Петров се упатил кон Карпош, a во Козле во возилото се качил и вториот осомничен. По пат тие се договарале како да го извршат делото, а од таксито се симнале на булеварот „Партизански одреди“.
„Двајцата осомничени соизвршители, на 9 март, со пожар предизвикале значителна опа сност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата ’Козле‘, каде што во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси-возилото се симнале на булеварот ’Партизански одреди‘ и продолжиле да се движат пеш“, велат од скопското обвинителство.
Оттаму се упатиле кон улицата „Мексичка“, инаку местото каде што живее Шилегов и каде што беше запалено возилото.
„Кога пристигнале на улицата ’Мексичка‘, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил ’ауди кју 5‘ и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот ’ауди‘, целосно изгорел и автомобил ’фолксваген пасат‘, додека делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобили и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета“, велат од ОЈО Скопје.
Вчера МВР за случајот приведе три лица, а исто толку биле опфатени и со кривичната пријава. Меѓутоа, од ОЈО Скопје велат дека надлежниот обвинител донел решение да се отфрли пријавата против третото лице бидејќи за него не се утврдени елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.