Сопругот на починатата 47 годишна жена е во стабилна состојба на Клиниката за токсикологија, а неговата 78 – годишна мајка е на апарати за дишење на КАРИЛ. Триченото семејство во неделата завршило на Клинички откако јаделе домашна пита. Според првичните лабораториски анализи и клиничката слика на пациентите токсиколозите поставиле сомневање дека се затруле со пестицидот “Ланате” кој е смртоносен.
– Тој е во стабилна состојба, веќе трет ден е на нашата клиника и биохемиските параметри се подобруваат, изјави проф. д-р Жанина Переска од Клиниката за Токсикологија.
Како опасниот отров завршил во питата која ја јадело семејството треба да покаже истрагата на обвинитеството. Од таму информираат дека по добиеното извесување од полицијата почнале да превземаат дејствија за расчистување на случајот. Засега се се сведува само на шпекулации. Во текот на денот ќе биде направена и обдукција на починатата жена.
Според професорката по Токсикологија Переска и мала количина од оваа група пестициди доколку се внесат во организмот може да биде фатална или да предизвика сериозни компликации врз здравјето.
– Станува збор за труења со висока смртност, примарно го напаѓаат нервниот систем, но и сите останати органи. Смртноста кај нив најчесто резултира со попуштање на центарот за дишење, вели професорката Переска.
Инаку смртоносниот пестицид познат како “Ланате” одамна е забранет во ЕУ за употреба во земјоделето. Забрана има и во Македонија, но и покрај ова може да се најде во нелегална продажба. Некои граѓани го користат за уништување на глувци, но беа регистрирани и неколку случаи на расфрлање на отровот по улици, училишни дворови,паркови… за масовно труење на животни. За ова предупредуваа од здружението Анима Мунди и бараа истраги од надлежните институции.
– Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единсвена мерка никогаш не била преземена, тук тамо некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пр, а најчесто само игнорирање и молк, посочија од „Анима мунди“ во нивната објава на социјалните мрежи.