Италија го забележа првиот позитивен ден, паѓа бројката на починати и новозаразени

|

Во Италија во последните 24 часа починале 602 луѓе од КОВИД-19, со што бројката е во пад втор ден по ред. Вчера имаше 651 починат, а црниот рекорд беше остварен во саботата, кога имаше 793.

Од појавата на коронавирусот пред нешто повеќе од еден месец, во земјата починале вкупно 6.078 луѓе.

Во пад е и бројката на новозаразени, 3.780 во последните 24 часа. Во Италија досега се регистрирани 63.928 случаи на коронавирус, од кои 7.432 се излекувани.

„Вчера бевме умерено оптимистични. Трендот на опаѓање е потврден денеска. Можеме да кажеме дека ова е прв позитивен ден“, изјави специјалниот комесар Анџело Борели.

Триесет и осумгодишникот од Кодоњо, за кој се верува дека е пациент број еден во Италија, денеска е отпуштен од болницата во Павија. Именуван како Матија, тој беше хоспитализиран на 19 февруари.

„Јас имав среќа, останете дома“, порача тој.