Италијанскиот амбасадор Ромео: Ќе сториме сè за да ја поправиме историската грешка за вашата држава

|

На денешниот редовен Совет за општи работи во Брисел, на кој по иницијатива на Италија ќе се расправа за прашањата за проширувањето на ЕУ (state of play), Италија е решена повторно да го почне процесот на проширување со продолжување на дискусијата и одржување на темата на врвот на европската агенда во поглед на позитивни одлуки во првата половина на 2020 година.

Поддршката за државата од италијанска страна е несомнена – претседателот Стево Пендаровски престојуваше во официјална посета на Италија, а неколку дена претходно премиерот Зоран Заев беше во официјална посета на својот колега Џузепе Конте. Официјалниот став на Италија останува непроменет по француското „не“ за отворање пристапни преговори со Северна Македонија.

Ова во интервју за „Макфакс“ го тврди италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, кој, посочувајќи ги и основните слабости во реформите, истакнува дека сепак и од С. Македонија и од Албанија биле побарани храбри реформи и тешки одлуки, па оттаму разбирливо е дека треба да се отвори јасен пат за да се наградат направените напори.

Дали очекувате Вашата иницијатива да го врати прашањето за проширување повторно на европската маса?

Како што изјави италијанскиот премиер Конте, одлуката на Европскиот совет од октомври повторно да се одложи отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија беше историска грешка. Италија ќе стори сè за да ја поправи оваа грешка и ќе гарантира за заложбата на ЕУ за реална и кредибилна европска интеграција на тие земји да може да се реализира. За ова прашање, Италија отсекогаш имала цврст и постојан став.

Политиката за проширување, која е фундаментална политика на ЕУ, не заврши со октомврискиот Европски совет. Италија сака повторно да го отвори процесот. Подготвени сме исто така да ги разгледаме начините на преговарачкиот механизам врз основа на еден предлог на Комисијата и да се соочиме со конструктивен дух за начини за подобрување кои може да бидат поставени од сите земји членки, но тоа не треба, според наше мислење, да се претвори во изговор за бесконечно одложување на процесот на пристапување нови членки, кој сам по себе е веќе долг процес. Односно, ние ќе продолжиме да работиме со Комисијата и со другите земји на ЕУ за надминување на сегашните поделби и за создавање соодветни и заеднички услови за да се постигне што е можно побргу позитивна одлука за отворање на преговорите за пристапување, со надеж тоа да биде во првата половина на 2020 година.

Иницијативите од италијанска страна се конкретни: како што споменавме – средбите во Рим, првата на премиерот Заев, и потоа, по само една недела, на претседателот на Републиката, Пендаровски, за време на кои премиерот Конте и претседателот на Републиката, Матарела, ја потврдија на највисоко ниво силната италијанска поддршка за легитимните европски и атлантски аспирации на Северна Македонија. Покрај тоа, по иницијатива на Италија, Советот за општи работи на 19 ноември ќе расправа за прашањата за проширувањето на ЕУ (state of play).

Ставот на Италија за почнување на пристапните преговори со Тирана и Скопје останува дека овие две земји не треба да се раздвојат во процесот на пристапување, па сметате ли дека реформите се еднакво добри и во двете држави?

Секако. Во овој поглед ги споделуваме позитивните оценки, кои Комисијата ги формулира веќе две години по ред. На Европскиот совет во октомври огромното мнозинство држави на ЕУ, вклучително и Италија, беа за почнување пристапни преговори со Скопје и Тирана. Од друга страна, ова е патот избран од Европската комисија и другите тела на Унијата од 2018 година. И од двете држави беа побарани храбри реформи и тешки одлуки: затоа е разбирливо дека треба да постои јасен пат за да се наградат направените напори.

Кои се Вашите аргументи за поддршка на Северна Македонија пред верувањата на Франција дека реформите не се спроведени и дека постојат индикации за слабости, особено во реформите во судството?

Како што беше кажано претходно, за Италија беше и е правилно да се награди Северна Македонија со почнување преговори за сè што е направено досега. Ова е заеднички напор: земјите кандидатки и потенцијалните земји кандидатки мора да ги спроведуваат реформските процеси за да бидат во согласност со стандардите на ЕУ и да се усогласат со основните вредности на ЕУ (како владеење на правото и независноста на судството) и со нејзините политики во разни сектори; зависи од нас да го сториме својот дел во вистинско време давајќи им соодветно признание на оние што постигнале резултати, од кои некои се важни како во случајот со Скопје.

ЕУ не смее да не ги исполни своите обврски, би бил ставен во прашање нејзиниот кредибилитет. Во Северна Македонија сторено е многу и правилно е тоа да се признае иако останува уште да се работи, особено во фундаменталната област на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата и организираниот криминал; на крајот, во спроведувањето на реформите. Колку повеќе се работи (и добро), толку подобро.

Дали мислите дека големите корупциски скандали, кои беа откриени непосредно пред одлуката за доделување датум за членство во ЕУ, имале негативно влијание врз одлуката? И, мислите ли дека довербата во судството во Северна Македонија ќе се врати?

Искрено, не мислам така. На Европскиот совет во октомври оценката за она што досега Северна Македонија го направи и желбата да се награди земјата со почнување на преговорите беа речиси едногласни. Сепак, потоа преовладаа други логики, сите во внатрешноста на ЕУ. И за такви одлуки – да потсетам – потребна е едногласност на земјите членки.

Како што реков претходно, продолжувањето на овие реформи и политики, пред сè, независноста на судството и постојаната борба против корупцијата – е од основно значење за иднината на земјата. Реформите се клучни не само со цел еден ден да се влезе во ЕУ, туку тие се она што сите македонски граѓани го очекуваат за подобрување и зајакнување на демократските институции на државата и за општествен и економски развој.

Италија во повеќе наврати истакна дека земјите од Западен Балкан долго време се приоритет на италијанската надворешна политика, која има цел да ги интегрира во ЕУ нудејќи им можност за економски развој, политичка и општествена стабилност во регионот. Ако не се добие датумот, дали Европската Унија ризикува да ги мотивира земјите од Западен Балкан да се насочат кон исток (Русија)?

Како што споменав претходно, во односите со земјите од Западен Балкан, Италија отсекогаш имала многу доследна позиција: Балканот претставува област со приоритетен интерес. Од раните 2000 години ние сме меѓу првите земји, ако не и апсолутно првата земја, која зборува за европската перспектива на регионот, кога многумина – да потсетам – се двоумеа да го сторат тоа. Верувам дека и денес, односно, пред сè, денес, далекосежната визија на Италија за улогата на регионот и неговата иднина во ЕУ останува силен и валиден конкретен предлог и покрај многуте тешкотии. Како што неодамна изјави премиерот Конте, чувствуваме итност да им дадеме соодветни одговори на легитимните аспирации на балканските земји, кои се европски земји и се чувствуваат европски.

Целта на Италија е да ја приближи Северна Македонија (и другите земји од регионот) што е можно поблиску до Брисел за да се постигне – кога ќе се исполнат условите – полноправно членство во ЕУ. Безбедност, политичка стабилност, реформи за владеење на правото и правдата, борба против корупцијата, борба против верскиот фундаментализам, миграциските феномени, општествен и економски раст: ова се заедничките стратешки приоритети за кои сите мора да работиме заедно – земјите на ЕУ и земјите во регионот.

Всушност, и покрај длабокото разочарување од октомврискиот Европски совет, претставниците на институциите и на сите политички партии во Северна Македонија потврдија дека европската интеграција е единствената можна алтернатива и процентот на граѓани што се за влез на земјата во ЕУ останува многу висок. Ова е многу охрабрувачко, но ЕУ не смее да разочара и мора да биде веродостојна во својата заложба кон интеграцијата. Ние сакаме заложба од страна на ЕУ, а не недостиг од неа.

Италија не стравува од можноста за неконтролирана миграција од Северна Македонија и Албанија во земјата?

За време на миграциската криза 2015-2016 година, беше јасно дека Северна Македонија е земја на Транзит по т.н. балканска рута. Од друга страна, Италија, поради својата географска положба и соодветноста на нејзината територија (долг отворен полуостров во центарот на Медитеранот), е една од главните дестинации за мигрантите што сакаат да пристигнат во Европа. Токму од оваа причина Италија отсекогаш барала поголема солидарност во напорите од другите земји на ЕУ и миграциска политика на ЕУ, која ќе биде заедничка и прифатлива за сите. И од оваа причина важно е да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија за земјата да се вклучи сè повеќе и повеќе и да соработува цврсто во областа на миграциските политики.

На редовниот состанок на Советот за општи работи, кој ќе се одржи во вторник на 19 ноември, предвидена е дискусијата за прашањето за пристапување (за добивање датум) за Северна Македонија?

Како што споменавме порано, Италија е решена повторно да го почне процесот на проширување со продолжување на дискусијата во секоја можност во Брисел и одржување на темата на врвот на европската агенда во поглед на позитивни одлуки во првата половина на 2020 година.

Всушност, токму по италијанска иницијатива, Советот за општи работи од 19 ноември ќе расправа за прашањата за проширувањето на ЕУ. Се работи за дискусија за тековната состојба (state of play) по Европскиот совет во октомври и нема да се одреди датум за почнување на преговорите.

Но, важно е затоа што, како Италија, веруваме дека Советот за општи работи оваа недела може да претставува прва корисна можност за зараснување на фрактурите кои се појавија во октомври канализирајќи го дијалогот кон конструктивен пристап ориентиран кон отворање преговори со Скопје и Тирана.

Како Италија го гледа преспанскиот договор со кој се заврши речиси тридеценискиот спор меѓу двете земји?

Без да ризикуваме, да бидеме реторични – преспанскиот договор е историски договор кој не само што стави крај на долгиот билатерален спор меѓу Северна Македонија и Грција туку претставуваше и претставува еден од најдобрите примери во последните години за мирно решавање на споровите меѓу соседни држави, кој може да донесе стабилност во нивните земји и Балканскиот Регион и конкретни перспективи за развој вклучувајќи го и економскиот развој, и тоа благодарение на европските интеграции. Договор што може да биде корисен за регионот, кој, како и Европа, има потреба од позитивни примери.

За што разговараа италијанскиот премиер Џузепе Конте и премиерот Зоран Заев за време на нивната средба во Рим? Дали поканата дојде веднаш по француското вето?

Веднаш по октомврискиот Европски совет, премиерот Конте го покани премиерот Заев во Рим да ја потврди во ова тешко време силната италијанска поддршка охрабрувајќи ја Владата во Скопје да ги продолжи напорите преземени во реформите.

Северна Македонија има право да го почне својот пат кон членството во ЕУ, а Италија ќе гарантира посветеност кон овој процес. Премиерот Конте испрати јасна порака до народот на Северна Македонија за да се спречи обземувањето од чувство на неизвесност и разочарување: „Италија ве поддржува“.

За време на средбата меѓу двајцата премиери беше истакната и извонредноста на билатералните, политичките, економските и на културните односи. Целокупната размена помеѓу двете земји во последните години забележува двоцифрен раст (речиси 615 милиони евра во 2018 година), веќе во пораст во првите шест месеци од 2019 година и со сè уште многу простор за зајакнување на економско-трговската соработка и италијанските инвестиции. Големо отворање на локалниот пазар за италијански компании, кои може да инвестираат во инфраструктурата, енергетиката, животната средина и одбраната.

На крајот, премиерот искажа особена почит за промовирањето на италијанскиот јазик и култура во Северна Македонија, на пример, со можноста италијанскиот јазик да се изучува како втор странски јазик по избор во локалните училишта.