Под итно да се набави лекот „фезго“, јавно побара денеска Елизабета Ристовска, пациентка со канцер од Скопје.
-Терапијата „фезго“ што ја примаме на 21 ден, минатата недела ја немаше, денеска ми е термин да го примам лекот, до десет часот имало, од десет часот веќе нема од лекот и не враќаат, реагираше таа.
Ова се случува, нагласи таа, иако се тврдело дека „нема доцнење на лековите, дека сите онколошки пациенти се навремено снабдени и сите пациенти со канцер се подмирени со лекови“.
Побара итно решавање на проблемот, за, како што подвлече, пациентите да не трпат последици поради немање лекови.
Од Клиниката за онкологија, рекоа за МИА дека станувало збор само за неколкучасовен недостиг, дека е направена нарачка, очекуваат да стигне во секој момент, најкасно до утре.
– Пациентите никако нема да останат без лек. Воопшто нема проблем. Генерално, ги имаме сите лекови, да не се прави паника за неколкучасовен недостаток, нагласија од Клиниката.
Оттаму додадоа дека засега имало проблем само со еден друг лек, но проблемот бил кај производителот и се надеваат дека во најскоро можно време и тој проблем ќе се надмине. Се правеле напори да се земе од друг производител.
На новинарско прашање околу тоа дека онколошки пациенти со рак на дојка денеска иако поминале стотици километри не добиле биолошка терапија и биле вратени, министерот Фатмир Меџити рече дека има дефицит на биолошка терапија, дека се случува во одредени времиња да има дефицит на таква скапа терапија.
– За жал, расте бројот на такви пациенти и кога се прават набавки со условен буџет, некогаш не можат да се предвидат и се случува да има недостаток од неколку дена, појасни министерот.
Тој нагласи дека работат на случајот и проблемот во брзо време ќе биде решен.