Институтот за океанографија и рибарство на Хрватска на својот профил на Фејсбук објави предупредување за појава на се поголем број на отровни огнени риби, познати и под името риба паун.
Позната како огнена риба, риба лав или риба паун, Птероис милес е инвазивен индо-пацифички вид кој е познат по штетноста за локалните екосистеми. Озлогласена е поради својата исхрана со автохтони риби, како и брзото ширење на колонизираните подрачја во Средоземјето. Сите бодежи на телото и се отровни, па при убодот се јавува голема болка, а можни се и сериозни симптоми. Во случај на убод се препорачува одење на доктор. На оваа риба треба да ѝ се пристапи внимателно, посебно при риболов. За среќа, како што е случај и кај останатите јадрански риби со отровни бодежи, отровот е термолабилен, што значи дека може да се неутрализира со топлина (најдобро е да се потопи местото на убод во вода со температура од 40-45 степени во траење од 30-40 минути, соопшти Институтот.
Oваа риба за првпат е регистрирана во Јадранското Mоре во 2019-та година, а најсеверното наоѓалиште било кај Вис во 2021-ва година. Со оглед на динамиката на нејзиното ширење може да се очекува да се појавува почесто.