Аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала исчезна пред две недели кога авионот со кој леташе се сруши во водите на Ла Манш.
Авионот исчезна од радарот на 22-ри јануари, после десет дена пронајдени беа остатоците од авионот во кои имаше и едно тело.
Од спасувачките служби порачаа дека авионот ќе биде извлечен на површина во наредните денови и дека се уште не знаат каде е другото тело. Вечерва англиските медиуми објавија дека телото кое беше забележано е извлечено од остатоците, пренесе Спортски.мк
Според информациите телото во овие моменти се наоѓа во брод во близина на местото на падот на авионот. Се уште не е соопштено за кого се работи и се очекуваат информации наскоро.
Инаку, денеска францускиот клуб Нант се најде на удар на јавноста откако покажа крајна нечувствителност, инсистирајќи на парите од трансферот на Емилијано Сала истиот ден кога се почна со процесот на извлекување на телата од паднатиот авион.
Емилијано Сала требаше да биде најскапото засилување во историјата на Кардиф, но откако го комплетираше трансферот од Нант, фудбалерот доживеа трагедија откако авионот со кој се превезуваше се сруши во водите на англискиот канал.
Сала никогаш не заигра за Кардиф, не одржа ниту тренинг, немаше време ниту да се запознае со новите соиграчи, но Би-Би-Си дознава дека Нант си ја бара договорената сума од 15 милиони фунти бидејќи трансферот беше комплетиран пред да се случи несреќата.
Кардиф доцнел со исплаќање на првата рата, па Нант се заканувале дека ќе почнат судска постапка доколку не ја добијат потребната сума за десет дена.
Извори од Кардиф велат дека клубот ќе го испочитува договорот, но не пред да се дознаат сите факти за несреќата.
Од Кардиф се изненадени од Нант бидејќи тие ги бараат парите додека спасувачите се обидуваат да го извадат телото од потонатиот авион.
Според велшките медиуми, трансферот треба да биде платен на рати во текот на три години. Според договорот половина од сумата треба да земе и Бордо каде што играше Сала од 2012 до 2015 година.