Поскапувањето на струјата веќе се почувствува на јануарските сметки. Граѓаните реагираат, а реакции има и од институциите. Луѓето прашуваат како да врзат крај со крај со толкави долгови, а општините бараат помош од Владата. Од ЕВН се правдаат дека зимскиот период и вклучените греалки во домовите се причина за повисоките сметки. Во меѓувреме, десетици претставки само за еден месец биле испратени до Народниот правобранител.
Сметките за првиот месец во годината веќе пристигнаа во сандачињата на граѓаните, а со тоа порасна и револтот. Гласни се реакциите на граѓани кои тврдат дека потрошиле многу помалку струја отколку што покажуваат бројките на фактурата. Луѓе коишто едвај врзуваат крај со крај прашуваат – како понатаму со толкави долгови?! Гневот е уште поголем кај редовните плаќачи.
„РЕДОВНО ПЛАЌАМ ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, МЕСЕЧНО ОТПРИЛИКА ОКОЛУ 2000 ДЕНАРИ БИДЕЈЌИ ТОЛКУ ТРОШАМ. НЕ СЕ ГРЕАМ НА СТРУЈА, НЕ КОРИСТАМ НИТУ ЕЛЕКТРИЧЕН ШПОРЕТ БИДЕЈЌИ ДРВОТО МИ ГОРИ ПОСТОЈАНО, А НА ШПОРЕТОТ СИ ГОТВАМ. ОВОЈ МЕСЕЦ ПОСЛЕДНАТА СМЕТКА МИ Е 8000 ДЕНАРИ, ЗГОЛЕМЕНО ЗА ЧЕТИРИПАТИ, 400%! ЈАС ЈА ПЛАТИВ СМЕТКАТА АМА СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ ЈАС НЕМА ОД ШТО ДА ЖИВЕАМ ЗАТОА ШТО ОСТВАРУВАМ 15 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ПРИХОД, А ТИЕ МИ НАПИШАЛЕ 8000 ДЕНАРИ ЗА СТРУЈА КОЈАШТО НЕ Е ПОТРОШЕНА“ – МИТКО ПЕТРУШЕВ – ЖИТЕЛ НА КОЧАНИ.
Од ЕВН одговараат дека повисоките сметки може да се должат и на веќе направено порамнување по прочитана состојба – покрај тоа што во овој период од годината голем број домови имаат приклучено и греалки на струја.
„СМЕТКИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ВО ЗИМСКИОТ ПЕРИОД ВООБИЧАЕНО СЕ ПОВИСОКИ ОД ДРУГИТЕ МЕСЕЦИ, СО ОГЛЕД НА ТОА ШТО, ЗА ЖАЛ, ПОВЕЌЕТО ГРАЃАНИ НЕМААТ ДРУГА ОПЦИЈА ЗА ГРЕЕЊЕ. ПОВИСОКАТА СМЕТКА ОД ОЧЕКУВАНАТА МОЖЕ ДА СЕ ДОЛЖИ И НА ВЕЌЕ НАПРАВЕНО ПОРАМНУВАЊЕ ПО ПРОЧИТАНА СОСТОЈБА, ЗА КОЈА ПРЕТХОДНИОТ МЕСЕЦ БИЛА ИСПОРАЧАНА ПРЕТПОСТАВЕНА ВРЕДНОСТ ПОНИСКА ОД ТОА ШТО БИЛО ПОТРОШЕНО. ЕВН НЕМА НИКОГАШ ДА НАПЛАТИ ПОВЕЌЕ ОД ОНА ШТО КОРИСНИКОТ ГО ИМА ПОТРОШЕНО“ – СЕ ВЕЛИ ВО ДЕЛ ОД ОДГОВОРОТ НА ЕВН ЗА ТЕЛМА.
Во меѓувреме, Народниот правобранител ги прима претставките на револтирани граѓани кои немајќи каде на друго место да се обратат – во оваа институција се жалат затоа што сметаат дека плаќаат многу повеќе отколку што потрошиле. Токму претставките до ЕВН се една од водечките категории за кои Народниот правобранител работи особено во последните неколку години.
„ТАКА Е СЛУЧАЈОТ И ВО ИЗМИНАТАТА 2021 ГОДИНА ВО КОЈАШТО ДОБИВМЕ 228 ПРЕТСТАВКИ, А ИМАЈЌИ ГИ ПРЕДВИД ПОСЛЕДНИТЕ СЛУЧУВАЊА КАКО ШТО Е РАСТОТ НА ЦЕНАТА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА И ТОПЛИНСКАТА ЕНЕРГИЈА, ОЧЕКУВАМ ДЕКА ОВАА ГОДИНА ЌЕ ИМАМЕ НАВИСТИНА СÈ ПОВЕЌЕ ПРЕТСТАВКИ ОД ТАА ОБЛАСТ. ВЕЌЕ ИМАМЕ ТАКВА ТЕНДЕНЦИЈА, ВО ЈАНУАРИ ПРИМИВМЕ ДЕСЕТИЦИ ПРЕТСТАВКИ“ – ЈОВАН АНДОНОВСКИ – ЗАМЕНИК НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ.
И не само обичниот граѓанин туку и првите луѓе на единиците на локалната самоуправа уште веднаш го кренаа гласот. Градоначалничката на Скопје и градоначалниците на другите скопски општини веќе побараа од Владата итно да им даде пари за да можат да си ги платат сметките за струја кои во јануари се повисоки поради поскапувањето.
Од Владата порачаа општините навремено да ги плаќаат сметките исто како и државните инститцуии, за да има редовно снабдување со струја.
Владиниот портпарол истакна дека ќе се разгледаат барањата на општините, но во економска и енергетска криза, секоја институција па и општините мора да понесат дел од одговорноста.
Петар Догов