Со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци на доктори на медицина со лиценца за работа во примарна здравствена заштита, Министерството за здравство ги поканува сите заинтересирани доктори на медицина да се пријават и достават писмо за интерес до Министерството за здравство.
Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/19) докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација.
Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година согласно Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 101/19).
Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа.Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.
Со стекнување на искуство, со добивање шанса за работа ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки, веруваме дека ќе ги задржиме нашите лекари да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе.
За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави писмо за интерес, во кое задолжително да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (мејл-адреса), копија од лиценцата за работа и да ја наведат јавната здравствена установа во која се изразува интерес да се врши работата според местото на живеење на заинтересираниот кандидат.
Пријавата заедно со документацијата потребно е да се достават во Министерството за здравство, ул. 50-та Дивизија бр.14, 1000 Скопје најдоцна до 15 јуни 2019 година, со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за изразување интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом.