Јавна дебата на тема „Како до подостапни и поквалитетни услуги ориентирани кон граѓаните“

ИЗВОРЦентар за управување со промени
|

Деновиве беше одржана Јавна дебата на тема „Како до подостапни и поквалитетни услуги ориентирани кон граѓаните“, во организација на Центарот за управување со промени и Министерството за информатичко општество и администрација.

Настанот го отворија министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски, г-дин Ричард Малион од Британската амбасада Скопје, г-ѓа Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени и г-дин Александар Николов од Асоцијација Зенит.

Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски, ја потенцираше важноста на процесите кои како целина ги нарекува „масовна дигитализација“ која ќе овозможи побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните и бизнисите. Во поголемата заложба на модернизација на јавната администрација, под водство на министертсвото се воведува нова правна рамка за овозможување електорнски услуги, се јакне технолошката инфраструктура на јавните институции, но и ќе се работи на градење на капацитетите во институциите за да испорачуваат електронски услуги, на граѓаните за истите да ги прифатат и користат.

Г-динот Ричард Малион, раковотел на прграмата на Британската амбасада Скопје ги даде како одличен пример услугите кои се нудат електронски за британските граѓани и до кои тоа пристапува и од Северна Македонија. Тој порача дека Владата на Обединето кралство ќе продолжи да ги поддржува ваквите реформи се додека Македонија не стане исклучително добар пример за функционална јавна администрација.

Г-ѓа Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени објасни дека причините и мотивацијата на граѓанскиот сектор да се вклучи во подобрувањето на услугите е поради тоа што реформите во администрацијата генерално се однесуваат само на работата на службениците внатре, а граѓаните не се вклучени. Токму неопходноста на развивање на концептот на испорака на јавните услуги според потребите и барањата на граѓаните, а не според размислувањата на институциите кои ги испорачуваат услугите, бара воспоставување ваков форум кој ќе се фокусира на квалитетот за граѓаните.

Целта на оваа јавна дебата беа предизвиците и решенијата во испораката на јавни услуги. Фокусот на предлог решенијата кои се дискутираа на дебатата беше ставен на оптимизација и дигитализацијата на услугите, а во насока на прибирање мислења од сите засегнати страни на овие теми и дефинирање на решенија кои ќе бидат насочени кон потребите на граѓаните.
На настанот, беа споделени наоди од анкетата за задоволството на граѓаните од јавните услуги и нацрт-препораки за подобрување на јавните услуги и беше презентиран процесот на внесување и верификување јавни услуги во Каталогот на јавни услуги, од страна на експерти и претставници од Министерството за информатичко општество и администрација.

Оваа јавна дебата беше во рамки на проектот „Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги“, кој се фокусира на развивање на концептот на испорака на јавните услуги според потребите и барањата на граѓаните, а не според размислувањата на институциите кои ги испорачуваат услугите. Активностите на проектот пред сѐ се однесуваат на јакнење на капацитетите на граѓанските организации за заштита на интересите на граѓаните и нивните основни права преку што придонесуваат за јакнење на еден од главните столбови на современите демократски општества – отчетна, транспарентна, отворена, инклузивна и ефективна јавна администрација со висококвалитетни услуги за граѓаните.

Проектот е поддржан од Европската Унија и Владата на Обединетото Кралство, а спроведуван од страна на Центарот за управување со промени – ЦУП.