Неетичка, бескорисна и штетна. Вака дел од епидемиолозите ја оценија одлуката на владата, решенијата за изолација на позитивните лица со лични податоци да се објавуваат на сајтот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Велат дека, објавувањето на резултати од испитувања на граѓани и пациенти јавно на веб сајт, е неприфатливо за која било болест, па и за оваа.
Новиот состав на Комисијата за заразни болести се иззема од оваа одлука, која владата ја донесе одлуката на барање на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Велат дека е одобрена од стариот состав. Според владината одлука, измената се воведува поради зголемениот број на граѓани за кои се определува мерката и намалениот број на денови за изолација, за да се намали и временската разлика од моментот кога е констатирана потребата, преку издавањето на решението до неговото објавување.
Директорката на Инспекторатот, Бухова вели дека, не се работи за здравствена состојба на граѓани, туку решенија се издаваат по разни основи. Некогаш тоа е поради позитивен тест, а некогаш и превентивно.
Од моментот кога името, презимето и адресата на граѓанинот ќе биде објавено на страницата на Инспекторатот, ќе се смета дека тој го примил своето решение за изолација.
Еднаш неделно, податоците групно ќе бидат објавувани и во Службен весник, со што ќе се смета дека се издадени. МВР, на ист начин како и до сега, ќе ги добива овие списоци уште пред Инспекторатот да ги објави, така што контролата од страна на полицијата нема да биде променета.
Потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација.
Далиборка Демјанска Цветановска