ЈСП со демант: Граѓаните да бидат мирни

|

Јавно сообраќајно претпријатие ги смирува скопјани, потенцирајќи дека најостро ги демантираат наводите во текстот „ВОЗАЧИ ОД ЈСП СКОПЈЕ СЕ СЕЛАТ ВО МАЈНЦ – Следната недела градскиот превоз останува без 100 возачи”, објавен во „Плусинфо“.

Отаму се вели дека генерално, целиот текст е базиран на шпекулации и наводи од неофицијални извори, веројатно со единствена цел, да се наруши кредибилитетот на претпријатието и на актуелното раководство, кое и покрај сите затекнати услови и околности успева да го одржува претпријатието функционално, исто како и јавниот превоз.

– Одговорно тврдиме дека до денеска, ниту еден возач нема поднесено барање за отказ, ниту за неплатен одмор. Досега претпријатието го имаат напуштено неколкумина возачи и тоа по остварено право за пензионирање. ЈСП Скопје во моментов располага со доволен број возачи за непречено секојдневно одржување на сите линии од јавниот превоз. Шпекулациите кои „Плусинфо“ зачестено ги објавува за нашето претпријатие и состојбите во него, нема да бидат пречка раководството заедно со Град Скопје да подлегне на истите. И овој пат имуни ќе останеме и на очигледните “извори” од одредени политички кујни. Напротив, тие се и ќе бидат причина плус раководството да го консолидира претпријатието, за што досега бележи и позитивни резултати, а со тоа автоматски да го подобри и квалитетот на јавниот превоз во секој поглед“, стои во соопштението на ЈСП.