ЈСП со важни информации за студентите

|

Од ЈСП Скопје информираат дека корисниците на годишниот студентски билет за бесплатно користење на јавен превоз, имаат право на бесплатен превоз до крајот на идниот месец и со непродолжен, односно незаверен билет за тековнава година.

„При користење на превозот, а во случај на линиска контрола, студентите имаат обврска да приложат „Скопска“ со која ќе докажат дека ги исполнуваат условите за користење на годишен студентски билет, кој притоа не им е продолжен, но контролорите не смеат да им издадат записник/казна“, соопштуваат од ЈСП.

Оттаму додаваат дека од 1 март, секој студент кој ги исполнува условите за студентскиот билет, а билетот не го заверил/продолжил, во случај на контрола ќе добие казна, доколку евентуално не поседува друг тип на билет, уредно валидиран.

Од ЈСП забележуваат дека јавното претпријатие излегло во пресрет на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, кое неодамна побара продолжување на рокот за продолжување на важноста на студентскиот билет, со оглед на актуелната ситуација со КОВИД – 19.

„Од УСС УКИМ наведоа дека на одредени факултети студентите имаат потешкотии при организација и распределба на документацијата потребна за продолжување на важноста на билетот. Потсетуваме дека право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста“, истакнуваат од ЈСП.

Важноста на билетот се продолжува секоја учебна/календарска година. На студентите кои првпат запишуваат прва година и го користат правото на билет за бесплатен превоз, билетот автоматски им важи и за наредната календарска година.

„Останатите студенти, важноста на билетот ја продолжуваат со потврда за редовен студент не постара од 1 месец и запишан зимски/летен семестар“, посочуваат од ЈСП, додавајќи дека продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП.

Годишниот студентски билет за бесплатно користење на јавен превоз не важи во ноќна тарифа.