Платежните картички кои Владата ќе ги додели на невработени, на приматели на социјална помош, на лица со примања до 15.000 денари и на средношколци и студенти, ќе може да се користат и во ресторани, кафулиња и хотели.
Фатмир Битиќи, советник за економски прашања на премиерот најави дека за две недели ќе бидат донесени уредбите и ќе бидат објавени сите детали околу аплицирањето и користењето на картичките.
„Платежните картички ќе бидат за македонски производи и услуги. Седнувањето во угостителски објект е наша услуга, македонска. За производите се согледуваат технички решенија, дали ќе можат софтверски да се евидентираат само македонските производи и со таа картичка на посебен пост терминал да се плаќаат. Во моментот кога граѓаните ќе ги добијат платежните картички, а секако ќе бидат лимитирани за кои сектори можат да се користат, тоа е системско, софтверско решение, ќе бидат дополнително известени за начинот. Сакаме да овозможиме средствата што ги даваме навистина да ја покренат економијата која во овој момент е најпогодена и да се свртиме еднаш засекогаш кон дома, а да не поттикнуваме само увоз на странски производи“, рече советникот Битиќи кој очекува картичките да внесат нов момент на македонската економија со кој граѓаните ќе се свртат кон домашното производство.
Ќе има листа на банки каде што сите категории граѓани ќе може да ги добијат картичките. Тие ќе бидат посебни картички, со посебна сметка и нема да бидат врзани со претходните сметки на граѓаните.
„Начинот на аплицирање се финализира и во наредните две до три недели ќе се знае целата процедура. Ќе биде многу лесен начин на административно аплицирање, нема да има чекање, пополнување на документи туку ќе ги согледуваме можностите тоа да биде според законите но да биде најлесно можно за секој еден граѓанин. Исто како што пристапивме за првиот и за вториот сет мерки и за компаниите кои аплицираа, онлајн. Ќе почекаме две недели, ќе се донесат сите уредби и сите детали. Решенијата ќе бидат во насока на олеснување на начинот на аплицирање за граѓаните“, рече советникот Битиќи.
На забелешката дека ваучер за домашен туризам од 6.000 денари реално не е доволен за покривање на трошоците за одмор во домашните капацитети, Битиќи вели дека ваучерот не е единствената помош што граѓаните ќе ја добијат.
„Прво ваучерот за туризам се дава на поединец, не се дава на домаќинство и при тоа секој корисник на ваучер за туризам ќе биде корисник на платежна картичка со вредност од три илјади денари. Вкупната вредност што ја добиваат лицата е 150 евра или девет илјади денари. Со ова сакаме да поттикнеме потрошувачка. Наместо едно семејство или еден поединец да отиде и да даде 9.000 денари свои средства кои денес може ги нема ама има 4.500, ние му велиме еве уште 9.000 денари на вашите 4.500 и со 13.500 денари ќе поминете еден викенд во Берово, во другите планински места, можеби и во Охрид ако се одлучат, таму каде што ќе одлучат. Знаеме дека најверојатно некој ќе каже дека тоа се малку пари, но ние сакаме да стимулираме потрошувачката да биде насочена кон локалниот туризам. Сите што на некаков начин имаме негативно влијание од кризата да ги употребиме нашите средства, минимални средства, дополнително и ваучерот, да помогнеме и на локалниот туризам, но и на секое поединечно семејство“, вели Битиќи.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера го најави третиот сет мерки за помош на граѓаните и економијата. Предвидено е околу 100.000 невработени, баратели на работа кои немаат примања повисоки од 15.000 денари и приматели на гарантирана минимална помош ќе добијат платежна картичка од 9.000 денари. Ќе може да се користи за домашни производи и услуги во период од 30 дена.
Околу 100.000 вработени со плата помала од 15.000 денари ќе добијат ваучери за домашен туризам од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари. Картичка со 3.000 денари ќе добијат младите во пакет со 6.000 денари за покривање партиципација на универзитет или за сместување во домови за студенти и средношколци од семејства со ниски примања на кои на располагање ќе им стојат и ваучери за кофинансирање обуки за ИТ и дигитални вештини.