Сместувањето е најевтино во Црна Гора, храната во Бугарија, а во Албанија и храната и сместувањето се доста евтини. Во Грција храната е со одличен квалитет, но и со пристојни цени доколку ја купувате во големите хипермаркети. Хрватска, сепак, е најскапа, но затоа, пак, ќе уживате во прекрасно сино море, многу острови, стари средновековни градови, медитеранска забава… Турција ќе ве доближи до ориентот, но и до топло море, вкусен зеленчук и овошје, турско кафе и чај
Хотелските и ресторанските услуги во Бугарија, Македонија и Албанија се најевтини во Европа – меѓу 55 и 60 отсто пониски од ЕУ-просекот. И железничките, автобуските, бродските и авионските билети во овие три земји се значајно поевтини во споредба со други европски држави.
На табелата што ја објави “Свенска дагбалдет”, базирана врз резултатите од испитувањето на паритетот на куповната моќ во ЕУ, најевтина земја во Европа во однос на хотелските и ресторанските услуги е Македонија, а на второ и трето место се Албанија и Бугарија.
Србија е на шестото, Босна и Херцеговина на осмото, а Црна Гора на десеттото место. Меѓу 20-те најевтини европски земји Хрватска и Словенија го заземаат 18-то и 19-то место, веднаш пред Шпанија, која е на 20-то место.
Туристи од Источна Европа и понатаму остануваат за Бугарија, но не е мал бројот и на посетители во бугарските крајбрежни туристички центри од западноевропските земји, вклучувајќи ги Швеѓаните. Пред се поради поволните цени.
Бугарија
Сончев Брег, познат како нискобуџетна дестинација за странските туристи, се рангираше на прво место како најевтин меѓу 20 летувалишта во Европа, според истражувањето Holiday Costs Barometer на британската компанија Post Office. Истражувањето е направено врз основа на цените на 10 стоки – пијалоци, храна и козметика. Не се вклучени трошоците за транспорт, пишува софиски Труд.
Според истражувањето, збирот на цените на производите во Сончев брег е околу 52 евра. На второ и трето место се турското одморалиште Мармарис (66 евра) и шпанскиот Коста дел Сол (67 евра). Истите производи се најскапи во Италија – околу 123 евра во областите Тоскана и Соренто.
Во Сончев Брег, во споредба со другите летувалишта најевтино се продаваат шише пиво и крема за сончање. Најниска е и цената на ручек и вечера за двајца во ресторан. Според британското истражување, пиво во кафуле или бар во Сончев Брег чини 0,8 евра. Вечера за двајца со мезе, главно јадење, десерт и шише вино чини 27 евра, а ручек со две јадења без пијалоци – 8,7 евра. Релативно евтино се продаваат минералната вода, газираните пијалоци и виното.
Доколку сакате да се сместите приватно во апартмани или во соба во Поморие, Приморско, Несебар или Созопол, тоа за 10 дена може да ве чини 70 евра по лице. Кафе на плажа чини само 0,50 евра до 1 евро, пиво 1 до 1,5 евра, а сок едно евро. Пица парче е евро до 1,5 евра, а бугарскиот “кебаб” е по цена од 0,5 центи до едно евро. Вкусните слатки палачинки чинат само едно евро. Покрај морскиот брег имате многу реквизити за забава коишто нема многу да ви го олеснат џебот, оти за нив ќе одвоите од 5 до 10 евра.
Хрватска
Со 12,4 милиони туристи годишно Хрватска е вклучена во четирите топ туристички дестинации во Европа каде што можете пријатно да летувате. Но, хрватските туристички работници годинава очекуваат уште подобра сезона.
Најпосетуван град е средновековниот убавец Дубровник, којшто истовремено се смета за еден од поскапите градови во Хрватска, каде што паркинг за 1 час чини 5 евра. Во сезона кревет во Дубровник и во Сплит чини 20 до 30 евра, а во Макарска и во Омиш може да се најде и за 10 евра. Апартмани за две лица на овие атрактивни јадрански дестинации чинат 50 евра и повеќе, а за 3 и 4 лица околу 70 или 80 евра. Но, во реонот на Макарска се нуди и поевтино апартманско сместување, кое за две лица може да го најдете и за 30 до 40 евра.
Што се однесува на исхраната, и таа е “солена” во хрватските ресторани. Така, виенска шницла може да ви се наплати и до 20 евра, порција лигњи на жар 10 евра и порција пршута со сирење, исто така, 10 евра, рибата се движи над 50 евра. Единствено ако храната ја купувате во маркети ќе заштедите, зашто цените не се многу високи, слични се како кај нас или нешто поскапи.
Еспресото ќе ве чини 2 евра, но доколку го пиете на Страдун во Дубровник може да платите и околу 5 евра, 3,5 евра пиво, сок 2,5 евра, а доколку сакате да се освежите за сладолед треба да одвоите од 0,70 до 2 евра.
Како што деновиве пишуваат хрватските портали, во најударниот термин од сезоната сместување во Дубровник, Хвар, Опатија, Ровињ во хотелите со 5 звезди е околу 300 евра.
Доколку сакате да изнајмите автомобил, поевтино е ако е за повеќе дена. Така, за 8 дена изнајмување на автомобил ќе платите 300 евра, а дневно е 50 евра.
Црна Гора
За македонските граѓани, особено од помладата генерација, Црна Гора е интересна туристичка дестинација, каде што се нуди многу забава. Најпопуларна, сепак, е Будва, каде што и во стариот дел на градот и во новиот можете да уживате во убавата храна и музика.
Во период кога е сезона кревет во Будва чини од 8 до 10 евра.
Слични се цените и во Петровец, каде што ноќевање во приватното сместување ќе ве чини 8 до 9 евра. Еден од поевтините градови е Сутоморе, каде што се уште можете да најдете кревет за 6 евра. Слични се цените и во Чањ, каде што може да се изнајми куќа за 20 евра на ден. Најевтино е во Бар и во Улцињ, каде што во сезона може да се летува за 26 евра полн пансион, а за деца има попуст од 30 до 70 проценти.
Поголемиот дел од плажите на црногорското приморје се урбанизирани. Така, само чадор за сонце во Рафајловиќи ќе ве чини 1,5 евра, а во Будва вон сезоната чадор и две лежалки чинат 5 евра, а во сезона и 10 евра. Во Сутоморе, исто така во сезона, за чадор и две лежалки ќе треба да одвоите околу 8 евра.
Албанија
Годинава соседна Албанија, нешто слично како Бугарија, изненади со многу популарни цени. Туристичката Валона, која е на околу 180 километри од граничниот премин Ќафасан, нуди екстра-ниски цени, но и Саранда, која е на 7 километри воздушна линија од островот Крф во Грција.
Кафе кај западниот сосед чини околу 60 леки или 25 денари, а исто толку ќе треба да платите и за шишенце вода. Иста цена се и освежителните пијалаци. Доколку сакате да појадувате во хотел, цените на појадоците се движат меѓу 300 и 500 леки или од 130 до 220 денари по човек.
Килограм овошје, во зависност од тоа што сакате да купите, чини меѓу 45 и 90 денари. Една топка сладолед во летувалиштата во Албанија се продава за околу 20 денари.