Како Бранко си даде автогол со пета

ИЗВОРНов Лист
|

Како   Бранко  си   даде  автогол со пета

Поранешниот премиер (1992-1998; 2002-2004) и претседател на Македонија (2004-2009) , Бранко Црвенковски излезе од „пештерата“, во која беше се скрил, по неговото активно бавење со политика низ целиот период на македонската транзиција и демократска трансформација на земјата по прогласувањето на независноста на референдумот на 08.Септември во далечната 1991 година. По локалните избори во 2013-тата година, во кои доживеа катастрофален пораз, тој реши да се повлече целосно од јавноста, со завет на замолчание, и освен тук-таму, неколку целенасочени изјави до одредени медиуми (едно телевизиско интервју) со намера да го сруши внатрепартиски неговиот сопартиец и своевремено еден од неговите најблиски соработници Зоран Заев, и едно писмо до јавноста за референдумот за Преспанскиот договор, Бранко можевме да го видиме, ако некој случајно од позади го слика како чека ред да пазарува во маркет (како добар домаќин), или пак во некое кафуле. Нејсе!
Образ ѓон, бетер од тој на Хорхе I Паљурски

Што му требаше на биолошко-генетскиот татко на СДСМ (според неговата медицинска квалификација за себе си и партијата која ја направил, а тогаш кога се самопрогласи, не ни кажа дали Наташа Савова е пак сдсмовската биолошка мајка?) да се појави на научната конференција огранизирана од МАНУ, во друштво на нејзиниот претседател Љупчо Коцарев и неговиот наследник Ѓорге Иванов, и да истресе такви ламентирачки жалопојки за катастрофалните состојби во кои се наоѓа Македонија, упатувајќи критики за состојбите со ендемската корупција, поразите во надворешната политика, неединството во внатрешната, поделеноста, нефункционалноста на јавната администрација, утепаното здравство, срамното образование, карикатуралниот судско-обвинителски систем. Бранко и тоа Црвенковски, а не Тричковски е тој што треба на обичниот граѓанин да му (у)каже во какви гомна да ми простите, ние живееме во овие три децении независност?! Токму истите фекалии, тој политички „ги посра“, во раните деведесетти, кога ја презема целата власт во 1992-ра и владееше безопозициски до смената на власта во 1998-ма година. Сите наредни влади, по неговата транзициско-олигархиска, само го практицираа тој од него воспоставен тренд, доживувајќи кулминација во владеењето на т.н режим на Груевски. И вие да ја обвините владата на Заев, за овие состојби е исто како Панчо Минов, да го обвини Павле Трајанов дека ги менува политичките коалиции како чорапи. Нонсенс! Позор, би рекле „другарите“ Бугари, или во „превод“, дно дна од краен срам и блам, што би рекле пак „браќата“ Срби. Не дека нема простор за критика оваа актуелна владејачка гарнитура на Заев, напротив, полна е со корупциски скандали, непотизам, клиентилизам, фасадно-импровизирано поправање и шминкање на состојбите, но тие состојби се наследени и донесени до ова дереџе, токму од политичкиот „лик и дело“ на Бранко во првите две и пол децении од македонската независност.

Подобро засекогаш да замолчеше!

Преспанскиот договор бил нужно зло?! Се согласувам, но токму до тоа нужно зло, дојдовме поради калкулантноста и немањето храброст токму од негова страна да се пресече „Гордиевиот јазол“, и овој апсурден спор да ја видеше својата завршница во раните деведесетти, кога имавме најповолни шанси да ја замениме срамната референца ПЈРМ со кованицата Северна, исклучиво за МЕЃУНАРОДНА употреба. Тоа, впрочем и самиот негов наследник Љубчо Георгиевски напати го има преповторено, дека со неговиот колега Костас Симитис, разговарале за името „Северна или Горна“, да биде замена за надворешна употреба на акронимот ПЈРМ, но токму опозицијата предводена од големиот патриот Бранко, создавала атмосфера дека „Љубчо го продава името“. Точно, Бранко не е тој кој го „продаде“ името, но продаде друго се: економијата, фабриките градени од работничкиот џеб во времето на поранешната заедничка држава СФР Југославија на шајка сомнителни фаци, од неговото најблиско опкружување, кои потоа ни станаа „ топ 10 македонски бизнисмени“, преку ноќ, но најстрашно од се ја (рас)продаде, иднината и надежта дека од ова местенце распослано на 25.713 км квадратни, може да создадеме пристојно место за живеење. И најголемиот пропали коцкар и криминалец има поголемо морално право да зборува и да го вперува прстот во било кој за „пропаднатата“ држава од овој несреќен пензиониран висок функционер ( кој еве веќе дванеесет години, прима претседателска пензија токму од граѓаните/даночните обврзници, со платена секретарка, службени простории и шофер). Прво што треба да направиме е законски да ги укинеме овие налудничави материјални поволности за поранешните претседатели, во земја во која 80% од населението кое работи, работи за 300 евра плата, второ да им оневозможиме никаков пристап до традиционалните мејнстрим медиуми, затоа што нема што паметно да кажат и трето ако нешто имаат да кажат, тоа да го сторат пред судско-обвинителските органи, бидејќи само за таму се: сите до еден без исклучок.