Во очајнички потег македонските оператори одлучија да прекинат со реемитување на сите домашни и странски ТВ канали. Оваа одлука едногласно ја донесе Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора, каде се обединети сите оператори.
Според најавата на здружението, единствените канали кои ќе продолжат да се емитуваат во периодот на штрајк се каналите на јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.
Причината за ваквиот потег на операторите се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето. Од здружението протестираат дека „законот е донесен по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа. “
Како да заборавите на телевизиите и операторите?
За среќа денес има навистина тон алтернативи достапни и во земјава со чија помош (сосема легално) можете да си следите речиси секаква програма, без притоа да се грижите дека нарушувате нечии авторски права кои всушност треба да ги заштитат креаторите на содржините, а не да обезбедат „терен“ на кој операторите и телевизиите ќе се надмудруваат. Во продолжение, потсетување за достапните сервиси со кои може да го надминете евентуалниот операторски мрак:
1. Netflix
Од 2016 Netflix е достапен во Македонија. Содржината која корисниците можат да ја гледаат е локализирана, и секако веќе знаете дека не е иста со таа од САД на пример, но без да навредиме никого може да кажеме дека е далеку пред содржината која ќе ја пропуштите со прекинот на реемитување.
Цената на пакетот е 8 евра месечно и дополнително потребно е да имате подобар интернет пакет. За оваа сума корисникот добива „пренос“ на 3 уреди од телевизор, до компјутер, таблет и телефон. Предностите не завршуваат тука. Корисникот може да ја гледа целата содржина кога ќе посака, и за разлика од дел од операторите доаѓаат без договори на подолг период. Лошата страна е што нема титлови на македонски јазик.
2. HBO Go
Ако Netflix не ве импресионира можеби HBO Go ќе може да го привлече вашето внимание, особено со фактот дека нуди титлови на македонски јазик. Претплатата чини 6 евра месечно, а за овие пари ви се достапни над 800 филмови и куп серии.
3.Pickbox
Pickbox NOW е стриминг видеотека, која како и останатите сервиси е достапна неограничено, каде било и кога било. Нудат неколку илјади часови со премиери, хит-серии, филмски класици и анимирани цртани. Пакетите се од 300 денари месечно до 2380, зависно од колку уреди ќе користите истовремено.
4. Prime Video
Иако за Amazon Prime Video и не се зборува премногу, ова не значи дека сервисот е полош од другите. Amazon има сериозни инвестиции за серии и содржина во последно време, а цената е 6 евра месечно. За 6 евра ќе добиете куп серии и филмови.
5. NBA League Pass
Секако една од причините поради кои најголем дел од претплатниците одбираат некој програмски пакет е спортот. NBA, Лига на шампиони, NHL, NFL, Англиско првенство, се дел од содржините кои не би биле достапни преку Arena или Sport Klub. Повеќето од овие лиги, за среќа на фановите, имаат директна стрим понуда со флексибилни пакети.
На пример љубителите на NBA лигата за сите натпревари треба да платат 4400 денари на NBA League Pass. За оваа сума се достапни сите натпревари од регуларниот дел, плејофот и финалето. Сепак 4400 не се малку пари, па затоа за 2900 денари ви се достапни сите натпревари на еден тим во сезона. Додека ако и тоа ви е премногу, за 790 денари претплатниците добиваат избор на 3 натпревари месечно, за регуларниот дел, плејофот и финалето.
Извор: It.mk