Посетители со автомобили, велосипедисти, планинари, родители со деца и миленици. Топлото време над 20-тиот степен ги извади скопјани на прошетка низ зелените појаси во градот – на Водно и во градскиот парк. Додека едни се рекреираат, други уживаат на пролетното сонце. Она што го регистрираше камерата на Алсат на терен, во голема мера се коси со препораките на Министерството за здравство – во однос на негрупирањата и носењето маски.
„Забележувате дека има негде помасовни групирања? – Па да, има, но мислам дека има дистанца пак не е толку страшно“.
„Почитуваме да, на Водно одиме во Парк одиме со маски, сега ќе одиме на крстот, кај што нема луѓе не носиме маска“.
“Се чувствуваме како од кафез излезени, буквално и дишеме. Се држиме, ако видиме некој си држиме некоја дистанца“.
“Мерките зависат од епидемиолошката сосојба, ако има многу пријавени новозаболени треба да се држат. Сега овие денови помалку има, уште не е реално ама… Мислам дека е ок“.
Многу поопуштена атмосфера затекнавме во Градскиот парк. Голем дел од граѓаните, сепак, не носеа заштитни маски или марама, за да ги покријат устата и носот, а при прошетката не го држеа препорачаното растојание од два метри. Иако, имаше ги имаше и такви кои се придржуваа до препораките.
„Гледам седат по 4 заедно и не ми се допаѓа. Поубаво е да се опуштиме но зошто не сме дисциплинирани тоа не ми се допаѓа. Не сум била внучето да си го видам два месеци, да не ја заразам, јас нели излегувам така. Сега и психата е многу опасна работа, мене почна да ми делува на психата, јас морам да излезам“.
„Добро е за луѓето, но за милениците не. Се научија дека во 20:30 треба да се изнесат надвор, така што голем е периодот од 19 часот до 5 наутро да се стегаат. Треба пак да остане таа мерка“.
Ова е прв послободен викенд за граѓаните, после неколкуте во низа, кога кои полицискиот час траеше од 14 часот во 5 наутро. За разлика од претходните, за време на викендов има поголема слобода за движење – до 19 часот.
Извор: Алсат – м