Први мај, се слави ширум светот веќе 125 години. Но, конотациите поврзани со Први мај драстично се променија со текот на годините. Некогаш беше празник со кој се оддаваше почит на борбата за работничките права, додека повеќето граѓани денеска први мај го поврзуваат само со неработен ден или скара во природа.
Заслугата за одбележувањето на Први мај првенствено е на американските синдикати, кои започнаа генерален штрајк на 1 мај 1886 година. Тоа беше реакција на неисполнетото ветување на надлежните за носење закон за осумчасовно работно време – кој требаше да стапи на сила од 1 мај.
Поради својот социјален карактер, Први мај стана, заедно со Денот на Републиката и Новата година, омилен југословенски празник.
Комбинирањето на празниците со викендите често им дозволуваше на работниците да ја претворат својата првомајска прослава во вистински мал одмор. Се разви и традицијата на синдикални првомајски патувања, како и семејни шопинг патувања.