Каква држава сме ние и дали сме држава ако не можат да се обезбедат средства за да им се помогне на децата со дијабет, реагира Александар Георгиевски

|

Хуманиот пожарникар од Штип Александар Горгиевски кој е дел од здружението „Подај рака, спаси живот“ денеска се сретна со родителите на 4-годишната Бисера која боледува од дијабет, а нејзината приказна вчера ја крена јавноста на нозе.

Како Бисера има уште околу 700 дечиња во држава кои се соочуваат со подмолната болест.

За жал државата недоволно се ангажира за проблемот со кој се соочуваат родителите на овие деца, па така тие мора да плаќаат се што подразбира лекувањето.

– Веќе пола година државата нема залихи во инсулинските аптеки потребни за луѓето кој се болни од дијабет (инсулини, игли, ленти ) и целиот систем е пред колапс. Секој што го има овој проблем знае што пишувам. Најпотребно им е на родителите да се обезбедат читачи за сензор и сензори за мерење на шекер во крвта бар за една година да бидат мирни и спокојни, сподели Горгиевски.

– 65 евра чини еден сензор за мерење на крвта и тој се користи 14 дена. Значи за еден месец за неговото дете задолжително мора да купи 2 сензори, а за цела година 24. Замислете Македонци мои и тој како родител само за овие сензори троши по 1560 евра годишно, а сензорот го има само во странство, во Македонија не може да се купи и најде никаде .Каде се иглите, каде се лентите, каде е набавката на читачот за сензор, тоа е загарантиран трошок од околу 2500 евра годишно за едно семејство кое се соочува со овој проблем и тоа се шест просечни плати на еден родител во годината, вели Горгиевски во својата објава со цел да се крене свеста за емпатија со оваа категорија на луѓе.

На крајот вели дека ова мора да допре до секој владин функционер.

– Околу 700 деца се во државата со овој проблем.По 2500 евра ако е трошокот годишен за детенце, тоа се 1.750.000 евра. Каква држава сме ние и дали сме држава ако не можат да се обезбедат тие средства за да им се помогне. Јас лично ќе се ангажирам и ќе дадам се од себе ова да допре до секој еден владин функционер, ако тие не реагираат, под итно ние сами како народ ќе се организираме и ќе помогнеме хуманитарно на овие луѓе.