Каква летна сезона не чека: Ќе има ли ограничувања за летување во Албанија?

|

Пред новата туристичка сезона, Асоцијацијата на албанските туристички работници бара од Техничкиот комитет на експерти за справување со па*демијата да ги укинат рестриктивните мерки, бидејќи сметаат дека сега „веќе не се разговара за па*демија, туку за економија”.

Тие, меѓу другото бараат укинување на обврската за поседување сертификат за имунизација или прележана болест, како и за негативни ПЦР и антиген тестови за сите странски државјани при влез во државата, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Комитетот треба да се разбуди, да ги укине рестриктивните мерки и да го ослободи туризмот бидејќи има резервации, но ако се уште бараме тестови на граница или прекин на музиката во 23 часот, што им нудиме на туристите? Може да се соочиме со откажувања на најавените резервации, изјави Зак Топузи, претседател на Асоциацијата.

Според Топузи, Албанија доцни во тоа, зашто соседните земји одамна најавиле укинување на рестриктивните мерки, па дури и нема да бараат потврда за имунизација само за да привлечат туристи.

– Конкуренцијата е силна, бидејќи земјите како Шпанија, Грција, Италија уште пред три месеци објавија укинување на мерките, додаде Топузи.

Минатата летна туристичка сезона во Албанија се оценува како успешна, бидејќи немаше никакво ограничување за влез во Албанија, која од туризмот оствари приход од 1,9 милијарди евра. Споредено со претходната, пан*емиска година, приходите се за 922 милиони евра повеќе, додека со 2019 година тие се помали за околу 171 милион евра.