Многуте натписи зборуваат за спецификите на едно време, но многупати се тајна и загатка зад кои се кријат значајни настани и случувања од историјата на Скопје. Големиот број натписи остануваат таинствени и сѐ уште се мистерија. Истражувачите што сметале дека ги одгатнале, времето подоцна ги негирало, бидејќи одгатнувањето требало да продолжи и понатаму.
Англискиот лекар, патописец и писател Едвард Браун дошол во Скопје во 1669 година, дваесетина години пред Пиколомини да го запали градот. Се воодушевувал од многуте старини, а вниманието особено му го привлекол еден необичен столб. Тој столб бил дел од еден свод што бил многу стар. Мала река поминувала под тој свод. Сводот имал форма на голем камен, а на него бил испишан таинствен натпис, кој Браун го забележал. Од натписот останал само чудниот збор SHIAN. Што значел тој збор? И што воопшто сакал да соопшти и одбележи тој натпис? Браун понатаму не истражувал, но, според она што претходно го кажува во својот запис (зборува за Саат-кулата, која е дрвена, и за џамијата „Султан Мурат“), може да се заклучи дека многу стариот свод се наоѓал во чаршијата, а под него течела реката Серава. Познато е дека реката Серава некогаш течела среде чаршија и се влевала во реката Вардар. Колку ли такви натписи се исчезнати од чаршијата и воопшто од градот?
Уште поинтересна е приказната за натписот на Римскиот акведукт. Долго време не се знаело дека постои таков натпис, а уште поинтересно е што и денес не е целосно решено датирањето на изградбата на водоводот. Сѐ уште постојат полемички мислења дали е тој антички или турски, или е граден во едниот, а потоа е надградуван во другиот период. Французинот Ами Буе, кој, покрај другото, бил геолог и географ, го истражувал и го опишал водоводот во 1836 година (според истражувањата на француските патници на Љубисав Монев). Ами Буе на северната страна (онаа кон Скопска Црна Гора) открил еден натпис на столбот, кој детално го запишал неговиот пријател Викенел. Натписот, како што бил зачуван до тоа време, гласел: PRO. SALV. DIAB. PO. M. AVREI. Пријателите на Ами Буе сметале дека тој натпис треба да се дополни и протолкува. Еве еден негов дел: „За спас на императорот Цезар Луциус Септим Север, набожниот продолжувач на Пертинакс, Август, победник на Арабија и на Адијабена, најголемиот победник на Партите“ итн. Толкувачите на натписот сметале дека тој е напишан помеѓу 198 и 211 година, кога Аврелиј Антонио (Каракала) се приклучил кон империјата.
Но натписот, наместо нешто да одгатне, тој само уште повеќе ја зголемил загатката. Едни сметале дека водоводот не е римска или византиска градба. А славниот археолог Артур Еванс, спротивно, сметал дека тој е византиска градба, доградувана во турскиот период. Некои од нашите врвни професори и историчари на уметноста сметаат дека станува збор за османлиска градба. Димче Коцо, на пример, застапувал такво мислење, а Константин Петров конкретно градбата ја лоцирал во 16 век. Скопската тврдина исто така била вистинска ризница од стари градби и натписи, кои со текот на времето сосема исчезнале. На јужната страна од Калето, онаа што гледа кон реката Вардар, се наоѓала една од главните порти, над која постоел натпис на мраморна плоча напишан на словенски јазик. Тој бил најверојатно од српското владеење по заминувањето на Византијците од Скопје. А таа и во тоа време не можела да се прочита, за што и за кого станува збор, бидејќи повеќе од буквите биле избришани. Турскиот кајмакам ја отстранил плочата од вратата и ја скрил и таа никогаш повеќе не била пронајдена.
Најтаинствениот и најмистериозен податок за Камени мост во Скопје го дава еден непознат венецијански патник во 1560 година. Тоа е многу интересен податок. Иако се работи за запис, а не за натпис, сепак резултатот е ист, ако се има предвид тајната што е загатната тука. Верувале или не, овој Венецијанец тврди дека во Скопје немало еден, туку два камени моста. И тоа не какви било, зашто тој вели дека „има два прекрасни и големи камени моста на реката Вардар“. Понатаму прецизира: „Низ средината на градот тече реката Вардар… Во градот има два големи и убаво ѕидани моста од камен, кои ги соградиле некои турски големци…“. Зарем е можно во Скопје да имало два големи и прекрасни камени моста? Лидија Кумбараџи-Богоевиќ, една од нашите најдобри познавачи на османлискиот период, смета дека тој втор камен мост се наоѓал во Сарај, изграден од Хусени Шах, што е можно. Сепак, загатката останува да провоцира, бидејќи патникот вели дека „во градот“ има два големи камени моста. Можно ли е времето да ги избришало сите траги? Не треба да заборавиме и дека многу легенди се испреплетени со градењето на Камени мост, меѓу кои е и легендата дека мостот го градел Крале Марко.
Неколку натписи се исчезнати и од стражарската кула на Камени мост. Но и воопшто од двете страни на мостот. Интересен е исто така случајот со Шареното турбе на Бит-пазар, кај џамијата „Алаџа“. Тоа било едно од најубавите турбиња во исламскиот свет. Ако денес љубопитно го разгледате турбето, ќе забележите дека го нема натписот на него. Тој натпис му се допаднал и го однел со себе еден германски офицер за време на Првата светска војна.
Натписите и записите ја делат судбината на градот. Одгатнати или не, тие во секој случај зборуваат за неговата богата историја.
Извор: Нова Македонија