Калуѓерка украла околу 800.000 долари: „Не е во ред свештениците да се подобро платени“

|

Калуѓерката Мери Маргарет Креупер од Лос Анџелес е осудена на една година затвор поради обвинение за из мама и перење на пари. На 80-годишната калуѓерка исто така и е наложено да плати вкупно 825.338 долари како поврат на парите кои ги проневерила додека била директорка на католичкото училиште Сент Џејмс во Торанс во Калифорнија.

Креупер во периодот од 2008-ма до 2018-та година проневерила нешто помалку од 900.000 долари, кои ги трошела за коцкање и други лични трошоци. Ги лажирала месечните и годишните финансиски извештаи и парите од училиштето ги префрлала на други сметки од кои се одвојувале надомести за трошоците на калуѓерките кои работеле во училиштето, но одредени износи си исплаќала на себе.

„Свештениците се подобро платени“

„Згрешив, го прекршив законот и нема оправдување“, рекла Креупер на судењето, пренесува “NY Post”. „Една од работите кои ги кажала кога се соочила со надбискупијата на Лос Анџелес, па дури и пред полицијата да се вклучи, била дека тоа го правела поради тоа што верува дека свештениците се подобро платени од калуѓерките“, рекла државната обвинителка Пунам Кумар.

Додека Креупер ги трошела парите на училиштето, родителите и натаму морале да уплаќаат 6.000 долари годишна школарина.

„Тоа е злоупотреба на положбата. Таа водела училиште во кое родителите одлучиле да ги пратат своите деца, и тоа не само поради образование…Сакале децата да се стекнат со католичко образование поврзано со морал и вредности во кои верувале и со кои живеат. Тоа го барале од училиштето. Поради тоа постојат голем број родители кои се многу вознемирени и очигледно се чувствуваат предадено. Имаше родители кои велеа дека нивните деца повеќе не се поврзани со црквата“, рекла обвинителката.

Инаку, калуѓерката се обидела да ги уништи документите кога започнала ревизија во училиштето. Казната од една година ќе почне да ја издржува од јуни.