Камион се преврте на автопатот Демир Капија-Миравци

ИЗВОРСкопје24
|

Товарно возило излетало од автопатот Демир Капија – Миравци после тунелот кај месноста викана „Јаворица”, синоќа околу 19.30 часот, при што тешко е повреден возачот, соопшти денеска Верољуб Додевски, портпарол на МВР.

-Се работи за товарно возило „волво” со скопски регистарски броеви, управувано од С.Ј. (37) од Скопје. Тешко повредениот возач бил упатен на лекување во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје, рече Додевски.

Извршен е увид на местото на настанот.

Инаку ова е трет ваков случај во последниве два месеци. Претходно на автопатот Тетово-Скопје исто така се преврте камион, а не беше позната причината за несреќата.

Инаку, пред нешто помалку од месец дена, цистерна полна со нафтени деривати исто така се преврте, но кај Неготино. Возачот на цистерната не беше повреден, но негов колега во телефонски разговор откри дека најверојатно причината е замор на возачот бидејќи на пат кон Грција тргнал претходниот во 7 часот наутро, таму чекал да се наполни цистерната и веднаш тргнал кон Скопје, по што на социјалните мрежи се јавија голем број на негативни коментари, од луѓе кои го потврдуваа тој начин на работа.

Возачот со кој медиумите тогаш разговараа изјави дека имаат наредба од раководството да возат без одморот кој е предвиден со закон. Одговор побараа и кај надлежно лице во компанијата. Одговорниот со кој беше стапено во контакт кусо рече дека не може да разговара.