Катица Јанева не отиде на вечниот дом на мајка и – и се слошило во капела

ИЗВОРСкопје24
|

Специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева, која од синоќа се наоѓа во триеседневен притвор во затворот во Шутка, денеска, по добиеното одобрение од Кривичниот суд, беше однесена на погребот на нејзината мајка во Гевгелија.

Јанева во капелата на градските гробишта во Гевгелија беше неполни дваесетина минути, по што мораше да замине бидејќи и се влошила здравствената состојба. Таа не отиде на закопот на мајка си, туку со полициско возило во придружба на полициска марица е вратена во притворот во Шутка.

На осомничената специјална обвинителкаи се влоши здравствената состојба и вечра откако беше изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1. Повикана беше Брза помош. Лекарската екипа излезе по околу половина час.

Обвинителството приложуваше аргументи за опасност за влијание врз сведоци и за бегство, наспроти аргументите на Јанева и одбраната дека нема потреба за такви сомневања и за притвор.

Јанева вчера беше приведена, а како доказен материјал Обвинителството го одзеде службениот компјутер од просториите на СЈО на улица Рузвелтова. Од станот под кирија во којшто живее во скопската населба Козле Обвинителството го изнесе мебелот за дневна соба, за кој има сомненија дека го купила со пари од осомничен во случајот на СЈО „Империја“.

Јанева е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и засега, е откриено дека за незаконските дејства околу помагањето на осомничениот Орце Камчев во истрагата за “Империја”, наплатила од него мебел во вредност од околу 5.000 евра.