Специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева, денеска се појави во просториите на СЈО, дознава Алсат. Дополнителни информации сѐ уште не се откриваат, но пред влезот на Специјалното обвинителство веќе се собираат новинарски екипи.
Обвинителството инаку вчера го пронајде вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за кој таа велеше дека ѝ е изгубен. Телефонот бил пронајден кај друго лице кое рекло дека го добило на подарок.
„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Мобилниот телефон ќе биде предаден на вештачење, а истовремено Обвинителството испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на СЈО.
Вчера во рамки на истрагата за противзаконито влијание и перење пари, Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на Јанева кој ѝ беше одземен за да се испита евентуална поврзаност на специјалната обвинителка во случајот „Рекет“ во кој се осомничени Зоран Милевски – Кичеец и Бојан Јовановски – Боки 13. И двајцата се во притвор од минатиот понеделник, 15 јули.