КАЖЕТЕ И ЗБОГУМ НА ЗИМАТА – КАЛЕНДАРСКИ ПРИСТИГНА ПРОЛЕТТА! НА ПОВИДОК И ГОЛЕМО ЗАТОПЛУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО

|

Пролетта кај нас пристигна вчера попладнето во 16 часот и 33 минути, а денес е првиот пролетен ден.

Пролетта ќе трае 92 дена, 17 часа и 54 минути, односно до 21 јуни 2022 година во 11 часот и 13 минути кога почнува летото.

Инаку првите неколку дена од пролетта ќе бидат невообичаено студени и ќе наликуваат повеќе на зимски. Како што најавивме минималните температури насекаде ќе се спуштаат под нулата, додека максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 16 степени во најтоплите предели. Да напоменеме дека овие температури се невообичаено ниски за овој период од годината.

Ќе биде и доста ветровито, односно ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен и од североисточен правец. Ветерот најизразен ќе биде во текот на утрешниот ден, кога понекаде ќе биде и СИЛЕН и ќе достигнува брзина од над 70 км/час. Поради ваквата состојба на граѓаните ги советуваме да бидат ВНИМАТЕЛНИ. Крајно ВНИМАТЕЛНИ да бидат и возачите, односно своите автомобили да не ги ставаат во близина на дрвјата.

Значително потопло и пролетно време и со многу сонце ќе биде од средината на оваа недела па натаму кога температурите ќе се искачат дури и до 20 степени. Во најтоплите предели истите се очекува да се искачат дури и до околу 23 степени, односно истите низ државава ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 23 степени, и тоа особено кон крајот на оваа работна недела.

Сево ова е поради продорот на ТОПЛА воздушна маса од јужните географски широчини која се очекува да продре како што најавивме од средината на оваа недела па натаму.

Ова е најава дека пролетта полека но сигурно ќе започне да се буди!

Инаку, според моменталните анализи со кој располагаме, оваа пролет ќе имаме доста топли денови и таа треба да биде потопла од вообичаеното. Врнежите пак треба да бидат околу просекот, што значи се очекува нормално количество на врнежи како за пролетно време.

Сепак повремено не се исклучуваат и продори на постудени воздушни маси од север кој би условиле и постудено време од вообичаеното. Сепак ќе покаже времето, односно останува да видиме што точно ќе се случува со времето оваа пролет.

За нови, детални и по потреба обновени метео информации, следете го официјалниот фејсбук профил на Славчо Попоски тука
Можете да ме следете и на инстаграм slavchopoposki