Земајќи предвид дека нашата, како и повеќето земји во Европа и светот, се соочува со една тешка ситуација, а целосно следејќи ги одлуките на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, како и препораките на Светската здравствена организација, „Макотен“ ДООЕЛ како носител на дејноста на казиното „Фламинго хотел Гевгелија“, денес по електронски пат на нивните службените адреси ги извести Владата, Министерството за здравство и Општина Гевгелија дека како општествено одговорна компанија, во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните, а за државните институции полесно да се справуваат со предизвиците, ги ставаат на располагање нивните ресурси:
• Казино „Фламинго хотел Гевгелија“ има сместувачки капацитет од 17 апартмани, 42 соби, од кои 1 соба за лица со посебни потреби, кои може да бидат користени како место за изолација или карантин.
• Хотелот може месечно да одржува 7.000 килограми чиста постелнина по најсовремени стандарди.
• Персоналот во хотелскиот ресторан е во можност да подготвува 1.500 оброци дневно.
• Истовремено, во овој момент располагаат со 2.000 килограми свежо овошје и зеленчук, како и 2.000 јајца, кои се подготвени да ги донираат онаму каде што ќе одлучи Владата на Република Северна Македонија.
„Целосно сме подготвени за соработка со надлежните државни институции за претходна подготовка и инспекција на вработените и просторот во согласност со сите епидемиолошки најстроги критериуми.
Сметаме дека во овие тешки моменти, кои, освен последици за здравјето, предизвикуваат и економски последици за граѓаните и државата, наша должност е да се однесуваме одговорно и во служба на јавниот интерес“ – велат од „Фламинго хотел Гевгелија“.