Се заштитуваат бремените жени и оние кои планираат да раѓаат. За отказ на бремена жена газдата ќе заработи казна од три илјади евра и обврска да ја врати на работа.
Многу често врз популацијата од женски род се врши дискриминација и од кандидатките се бараат одговори кои никаде не се запишани на хартија, ниту во објавениот конкурс, а се поврзани со нивната интима – дали се мажени, дали планираат да се мажат, дали имаат деца, дали планираат да раѓаат деца, од што директно зависи одлуката на работодавачот дали ќе го добијат работното место.
Се забранува работодавачите при вработувањето да бараат од кандидатите тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со жена, без оглед на видот на работното место.
Во направеното истражување на илјада испитанички, скоро 22 проценти изјавиле дека биле прашани од страна на работодавачот дали планираат да раѓаат.
Една египетска компанија стана прва во земјата што секој месец на жените ќе им дава платен слободен ден за време на нивниот менструален циклус. Жените вработени во „Шарк енд Шримп“, агенција за дигитален маркетинг од Каиро, нема да треба да покажуваат медицински доказ дека имаат болки за време на циклусот.
– Сите вработени жени можат да изберат кој ден од нивниот циклус ќе им биде слободен. Ние имаме 100-отстотна доверба во нашите вработени и знаеме дека нема да ја злоупотребат оваа одлука. Вработените најпрвин беа шокирани и се срамеа бидејќи тука, на Блискиот Исток и во Северна Африка, не е нормално слободно да зборуваат за ова прашање. Но, откако разбраа дека политиката на сите жени им нуди приватност, тие беа многу среќни – истакна Ранија Јусеф, раководител на одделот за човечки ресурси во компанијата.
Извршниот директор на компанијата, Мохамед Наием, одлучил да ја воведе практиката откако читал медицински написи за менструалните болки и откако забележал дека многу организации на жени повикуваат на платен одмор за време на циклусот.
Некои Египќани се подбиваа со потегот, но други ја пофалија одлуката. Потегот следува по неодамнешен предлог на египетските новинарки кои се заложија на жените во земјата да им се дозволи да не одат на работа за време на менструалниот циклус.
Отсуството за време на менструалниот циклус е признато во земји како Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Индонезија и Замбија. Некои приватни индиски компании исто така ја воведоа оваа практика. Во Јужна Кореја жените може да добијат дополнителни финансии ако не го искористат одморот што им следува.
Во 2015 година Замбија стана првата африканска земја што почна да го негува правото на жената на менструално отсуство во законите, давајќи им еден слободен ден месечно на жените. Законот со кој им е овозможено тоа е познат како Ден на мајката, без оглед на тоа што се однесува на сите жени, независно од тоа дали имаат деца или не.
Јапонија има политика за менструално отсуство уште од 1947 година, кога бил изгласан закон со кој им се дозволило на жените со болни циклуси или, пак, оние што имаат работа која би можела да ја интензивира болката да не одат на работа.
Минатата година Италија се обиде да воведе сличен закон, со што би станала првата западна земја со официјален менструален одмор, но законот не доби зелено светло.