Повеќе од 1.000 родители кои одбиле да ги вакцинираат своите деца ќе треба да платат казна од 300 до 600 евра или ќе завршат на суд, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со актуелната епидемија на морбили.
Родителите ќе бидат повикани од инспекторатот, по што тие ќе имаат рок околу една недела да платат половина од казната, а во спротивно ќе завршат на суд.
Плаќањето на казната не ги амнестира родителите од обврската да ги вакцинираат децата и истата се однесува само за една непримена вакцина.
Лани во април лани инспекторатот имаше податоци за 35 родители, а во 2017 година за 117 родители кои не сакале да ги вакцинираат своите деца. Годинава оваа бројка е повеќе од 1.000 родители.
Институтот за јавно здравје минатата недела излезе со податок дека епидемијата не стивнува и дека досега од мали сипаници заболеле повеќе од 1.700 лица.