Ќе му биде ли дозволен влезот на Ѓоковиќ во Австралија – драмата на аеродромот во Мелбурн се уште без епилог

|

Голготата на најдобриот тенисер на светот се уште без разрешница.

Новак Ѓоковиќ веќе повеќе од 7 часа се наоѓа на аеродромот во Мелбурн, Туламарине, каде е изолиран од остатокот на својот тим и го испрашуваат припадниците на граничната служба.

Таткото на Новак, Срѓан за српските медиуми потврди дека на неговиот син му е одземен телефонот а пред собата во која е изолиран се наоѓаат и двајца полицајци.

Наводно проблемот е во несоодветната виза, бидејќи еден член на неговата екипа доставил барање за несоодветен документ за влез во Австралија.

Колку и да звучи тоа неверојатно, еден од најдобрите спортисти на планетата, кој доби специјално изземање од задолжителната имунизација од страна на две посебни комисии составени од здравствени експерти во државата Викторија, се третира како имигрант, кој нелегално се обидува да влезе во Австралија, каде во својата тениска кариера, веќе 9 пати го освои трофејот на отвореното тениско првенство на оваа земја.

На социјалната мрежа Инстаграм фотографија објави и еден од тренерите на Ѓоковиќ, поранешниот хрватски ас, Горан Иванишевиќ, со коментар – не е баш највообичаеното патување во Австралија.

Целиот случај доби и меѓународна политичка димензија, откако австралискиот амбасадор во Белград, Данијел Емери, бил повикан во српското министерство за надворешни работи. Властите во Белград бараат Ѓоковиќ веднаш да биде пуштен и бараат објаснување за тоа што се случува на аеродромот.

Влезот на Ѓоковиќ во Австралија го искомплицира реакцијата на австралискиот премиер, Скот Морисон, креатор на едни од најригорозните рестрикции во светот, кој најави дека и покрај добиеното медицинско изземање за Ѓоковиќ, неговата влада се уште може да го врати Србинот назад.

Дали навистина тимот на Ѓоковиќ, кој по 18-ти пат во кариерата треба да учествува на Отвореното првенство на Австралија во тенис, се уште не знае да пополни барање за виза или пак станува збор за политичка игра во која најдобриот играч на планетата се користи како тениско топче во конфликтот меѓу владата на Викторија и федералната власт, останува да видиме.

Владата во Викторија минатите две години спроведуваше некои од најдраконските анти-ковид мерки на планетата, со исклучително строги карантини и локдауни, но со мал ефект. Австралија сега се соочува со рекорден број случаи од сојот Омикрон, убедливо најмногу од почетокот на пандемијата и покрај високата стапка на имунизација, па фрустрацијата на жителите на Викторија е сосема разбирлива.