На насловната страница на новото издание на „Вог“ за Мексико, Салма Хаек и нејзината ќерка Валентина позираат во најновите креации на „Гучи“.
Валентина со само 14 години веќе е девојката од насловната страница на „Вог“. Во придружното заедничко интервју, кое беше направено на шпански јазик, мајката и ќерката зборуваат за работата, гардеробата и за други интересни работи.
„Се расправаме за облеката бидејќи таа ми зема сè од плакарот“, вели 55-годишната Хаек за магазинот и додава: „Од мала не ми дозволуваше да ѝ ја избирам облеката и тоа отсекогаш ми се допаѓаше“.
Валентина додаде дека не им обрнува многу внимание на дизајнерските етикети.
„Точно е дека, кога е во прашање облеката, ја сакам нејзината, но генерално секогаш го носам тоа што го сакам. Едвај го забележувам брендот”, вели тинејџерката и додава: „Генерално, сакам и да комбинирам и да носам винтиџ-парчиња“.
Јасно е дека Валентина ја наследила љубовта на мајка си кон модата. Во 2019 година, кога имаше само 11 години, се прошета со Хаек на модната недела во Милано. А токму минатиот месец таа и нејзината 21-годишна полусестра Матилда Пино ѝ се придружија на холивудската ѕвезда во првиот ред на париската ревија на Баленсијага.