Ќе има нов закон за минимална пензија, но не сега туку за некој месец, најави Тренчевска

|

И покрај тоа што секој ден животот станува сѐ поскап, на власта не Ѝ се брза. Работната група за раст на пензиите ќе прави пресметка до крајот на годината. Тимот треба да биде формиран следната недела, а дотогаш да се номинираат преставници од Владата, министерството за труд, Сојузот и Фондот за пензиско. Тие ќе треба да утврдат колкава ќе биде минималната пензија, а притоа да не направи поголема дупка во пензискиот фонд.

Согласно септемвриското покачување, најниската пензија во земјава ќе биде 13.300 денари. Пензионерите бараат пет илјади повеќе, односно минималец од 18 илјади денари. Доколку ова барање се исполни, министерката за труд вели дека ќе снема пари за сите.

„По три-четири месеци ќе се прашаме дали сите 330 илјади пензионери ќе добијат пензија“– Јована Тренчевска, министерка за труд и социјала.

За второто барање, пак, линеарно покачување од 3.500 денари, Тренчевска и натаму тврди дека е неуставно. Одлуката на судот не била од 1998-ма, туку година претходно, а цитираше и уште една од ’95-та. Постарата ја нашле, а другата ја бараат веќе три дена.

„Ја барам одлуката. Од 1997-ма е, во времето, кога беше премиер Бранко Црвенковски за неуставност на линеарно зголемување на пензиите. Во 1195 има една друга одлука која зборува за ретроактивноста на донесувањето на одлука на Влада. Одлуката зборува дека сите права од пензиско и инвалидско осигурување треба да бидат во согласност со должината на работниот стаж и она коешто секој работник во времето на работниот век го придонесувал во Пензискиот фонд. Штом ја најдам одлуката, затоа што од ’97-ма…ќе ја објавиме.“ – Јована Тренчевска, министерка за труд и социјала

Иако Уставен вчера рече дека не е „шалтер“ на кој се одговараат актуелни прашања, министерката сепак ќе бара мислење оттаму, ама ќе го формулирала како иницијатива, без да прецизира за кој закон ќе бара да се произнесе судот.

Тренчевска: Денеска ќе доставиме барање за мислење до Уставниот суд и зависно дали во моментот е уставно или не е линеарното покачување и ова што го бараат пензионерите, врз основа на мислењето на Уставниот суд, ќе го разгледаме во работната група што ќе ја формираме и ќе донесеме конкретни одлуки и политики.

Јас: Меѓутоа вчера од Уставниот суд рекоа дека постапуваат само по иницијативи, не одговараат на мислења за актуелни прашања?

Тренчевска: Да, ќе биде во форма на иницијатива.

Партиите ја повикуваат власта да ги прифати пензионерските барања.

„Минимална пензија од 300 евра и линеарно зголемување на пензиите се оправдани и издржани барања на пензионерите, а стабилноста на пензискиот фонд зависи од растот на економијата, ефикасна борба против криминалот и сивата економија, како и реализирање на капиталните инвестиции“, пишуваат од Демократски сојуз.

Социјалистичката партија, пак, вели дека „погрешните економски политики, промашените буџетски проекции, корупцијата и непродуктивните трошоци на Владата оневозможија услови за стопански раст што резултира со пореметување на тековно работење и на фондот дури и во редовната исплата на пензиите што власта го сокрива од јавноста. Владата на СДСМ и ДУИ со промената на моделот им укина проценти за раст во период од 4,5 години со што пензиите заостануваа и се обезвреднуваа“.

Пензионерите со денови протестираат револтирани од високата инфлација и платите на политичарите. 1060 функционери од месец мај земаат 78% повисоки плати. И тогаш рекоа дека не се виновни тие, туку Уставниот суд. Најавија дека самите ќе го спуштат коефициентот за пресметка за да не земаат екстремно високи плати, но и по 4 месеци тоа не е направено.