Основачот на Tesla, Илон Маск е познат по тоа што ја обожава социјалната мрежа Твитер, каде често ги „провоцира“ другите со своите коментари.
И овој пат успеа.
Имено, Маск со својот твит од 25 јануари практично го „предизвика“ познатиот ресторан за брза храна, Мекдоналдс. Ќе јадам Happy Meal на телевизија, ако Мекдоналдс прифати дoџкоин“, напиша тој.
Под „прифати“, Маск мисли на тоа дека познатиот синџир ќе ја препознава оваа криптовалута како средство за плаќање. Инаку, овој твит не дојде од чист мир.
Неодамна, ко-основачот на доџкоинот, Били Маркус, напиша дека почесто ќе оди во објектите на МекДоналдс доколку компанијата го прифати доџкоинот. Тие одговорија дека им е „драго што Маркус го сподели своето мислење и дека секогаш се отворени за подобрување на начинот на плаќање“.
Дали Маск овој пат сакаше само да се пошегува, веројатно никој не знае освен него. Пред десетина дена беше објавено дека некои производи на Tesla може да се платат со дигиталната валута доџкоин.
Тесла оваа година ќе забележи силни финансиски резултати, кои на Маск ќе му донесат милијарди долари, поради растот на акциите. Потсетуваме дека Американецот не добива основна плата или паричен бонус од Тесла. Наместо тоа, тој добива опции за акции врз основа на тоа што компанијата постигнува одредени финансиски и пазарни цели.