Ќе постои ли вашето работно место до 2030?

ИЗВОРСкопје24
|

Автоматизацијата е веќе тука. Роботите помогнаа да се произведе вашиот автомобил и да се спакува вашата последна нарачка која ја направивте преку интернет. Chatbot може да ви помогне да го дознаете износот на расположливи средства на вашата кредитна картичка. Компјутерска програма може да го скенира и процесира вашето CV кога ќе аплицирате на оглас за работа. Веројатно, исто како и ние, се прашувате што е следно?

Како ќе изгледа работата една деценија од сега? Тим на економисти од McKinsey Global Institute се обиде да го дознае тоа во најновиот извештај.

Нивното истражување покажа дека автоматизацијата го проширува јазот помеѓу урбаните и руралните области и драматично влијае на луѓето кои немаат високо образование. Исто така, таа проектира одредени професии подготвени за масовен раст кој треба да биде доволен за да ги неутрализира дислоцираните работни места.

Подолу се наведени некои клучни моменти од прогнозата на McKinsey.

Повеќето работни места ќе се променат, а некои ќе се намалат
Речиси 40% од работните места во САД се позиции кои најверојатно ќе се намалат – иако не мора да значи дека целосно ќе исчезнат до 2030 година, откриле истражувачите.

Интелигентните машини ќе станат поприсутни во секој бизнис и речиси сите работни места ќе се променат, вели Сузан Лунд, ко-автор на извештајот.

Канцелариска работа е професија која ја работат речиси 21 милион Американци и е всушност професијата која е најмногу изложена на ризик од затворање на работни места. Потоа следуваат професиите од угостителскиот сектор бидејќи хотелите, рестораните за брза храна и другите угостителски објекти се повеќе и повеќе ја автоматизираат работата на готвачите, садомијачите и другите вработени.

Во исто време, “економијата создава нови работни места кои ќе ги користат новите технологии“, пишуваат економистите на McKinsey. Овие работни места вклучуваат развивачи на софтвер и експерти за безбедност на информации – професии за кои постојано се бараат вработени, а во исто време ќе расте и побарувачката за инсталатери на соларни панели и техничари за ветерни турбини.

Здравствените работници, вклучувајќи ги специјалистите за слух и негувателите, и во следната деценија се очекува да бидат барани како што стареат припадниците на т.н. “бејби бум“ генерација.

McKinskey, исто така, прогнозира дека ќе расте бројот на работни места кои се темелат на човечка креативност или социоемоционални вештини. Дополнително, работа ќе има и за професиите кои го опслужуваат побогатиот дел од населението, како што се дизајнер на ентериер, психолог, масажер, нутриционист и архитект.

Кај некои профеиси кај кои работните места се намалуваат може да се случи да се појават нови работни места кои ќе ги неутрализираат загубите. На пример, дигиталните асистенти може да ги заменат рецепционерите и службениците, но во исто време ќе бидат потребни повеќе работници за да им помогнат на купувачите во продавниците, пишуваат економистите на McKinsey.

На сличен начин, ќе бидат создадени доволно нови работни места во секторите транспорт, корисничка поддршка и продажба што ќе помогнат да се компензираат загубите од затворањето на некои работни места.

Како да се подготват работодавците и вработените?
Работодавците и заедниците треба навремено да ги обучат вработените кои работат на позиции на кои им се заканува екстинкција за да можат да се префрлат на други компатибилни работни позиции со помал ризик од автоматизација.

На пример, 900.000 книговодители, сметководители и ревизори би можеле да ги заменат своите работни места како службеници за заем, наплатувачи на побарувања или осигурителни брокери, стои во извештајот на McKinsey.