По добивањето на информацијата кој е одгледувач на пиперките што се извоз од Македонија, а кои царината на Хрватска на нивната граница ги сопрела оти било констатирано дека има остатоци од пестициди, ќе се започне со контрола на останатото производство, дали и тоа е безбедна храна. Ова ни го изјавија од Државниот инспекторат за земјоделие (ДИЗ), откако во средата европскиот систем за брзо предупредување во прометот на храна објави дека забранет токсичен пестицид форметанат е откриен во зеленчук – свежи пиперки увезени во Хрватска од Македонија.
„Веднаш по добивањето на официјалното Известување од надлежните органи во кое ќе бидат содржани точните податоци во однос на пратката, Државниот инспекторат за земјоделство преку надлежните државните фитосанитарни инспектори ќе спроведе вонредни инспекциски надзори во фирмата увозник со цел да се утврдат производителите на пиперките од горенаведената пратка. Потоа, согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за фитофармација, ќе се спроведат надзори кај наведените производители во однос на правилна употреба на фитофармацевтски производи“, велат од ДИЗ.
Ова е потребно заради расчистување на дилемата, што и колку од примарното производство на свежа пиперка кај одгледувачот чиј род е сопрен на хрватска граница поради присуство на форметанат, е безбедно како храна. Оти, извезеното количество е дел од производство кое треба да биде проверено.
Претходно, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека ако пратката со небезбедните производи се врати во земјава, таа ќе биде уништена.
„При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето. АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата“, соопштија од Агенцијата.