Кој е гинекологот кој се грижи за трудниците во Кратово и работи на повик?

ИЗВОРСкопје24
|

За кратовските жени се грижи еден и единствен гинеколог.

Тоа е Гинекологот Ванче Какашевски кој за Фактор открива шокантни бројки за бројот на родилки кои раѓаат деца во Кратово. Таму бројот е навистина намален а градот има потреба и од вработување на акушерки.

Директорката на Здравствен дом Кратово, Мирјана Ефремова вели дека имаат реновирано породилно, но навиките на жените се променети во последно време и затоа повеќето од нив си бираат каде ќе се породат, дали ќе биде тоа во Скопје или во некој друг град. Таа додава дека сега годишно имаат 6-7, или најмногу 20 породувања.

Гинекологот Ванче Какашевски вели дека за разлика од порано кога 60, 70 или 80% од жените се породувале во Кратово, сега бројот на родилки кои раѓаат деца во Кратово е намален. Објаснува дека има и ризични бремености и за нив е неопходно да се породат во друг град. Вели дека од 1991 година, имало по 160 раѓања годишно на ниво на општина, од кои 124 породувања ги изведувал тој. Какашевски додава дека е потребно да се вработат акушерки, но тоа зависи од надлежните.

„Мене ми се предизвик породувањата, но не наидувам на разбирање. Порано жените раѓале дома, нашите мајки раѓале деца во домашни услови. Проценка на докторот е дали ќе биде породувањето тука или не. Околу 25% од случаите се ризични и ги препраќам во други градови. Jас сум достапен на повик, но се случува да не бидам во градот, да сум на одмор, или отсустен за Нова година и слично. Лани преку зима ми се случи на -20 степени да дојдат два итни случаи во рок од 15 минути“, вели тој.

Гинекологот додава дека има околу 3.000 пациентки, а дел од нив се од Пробиштип.

Планира да работи во градот уште пет до десет години, а потоа не е сигурен дека некој ќе се нафати да работи како гинеколог во Кратово поради економска исплатливост. Откако тој ќе замине во пензија, најверојатно Кратово ќе нема гинеколог.

Инаку, и Кратово е еден од градовите каде има низок наталитет. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2017 година Кратово имало 53 новороденчиња. Во третото тромесечје лани гратчето добило 13 нови жители.