Кој е Коста Петров – новиот потпретседател на СДСМ ?

ИЗВОРСкопје24
|

Авторот и ПР експерт, Коста Петров синоќа е избран за еден од потпретседателите на владејачката СДСМ.

Петров преку својот Фејсбук профил порача дека одлучил да влезе во политика за да се обиде да направи нешто подобро, а не само да стои настрана и да коментира. Вели дека немањето искуство во политиката го смета за свој најголем адут.

Неговото прво печатено дело „Се гледаме на врвот“ во издание на „Три“ сѐ уште е најпродаваната книга од македонски автор во земјава. Тој е ко-основач и директор на креативната агенција „Пи Ворлд“ која за осум години постигна импресивни резултати. Работи на четири континенти, a при крајот на минатата година со неговиот тим го организираше првиот настан во Јужна Кореја. Коста Петров е и ко-автор на стиховите на евровизиската „Proud“ со која Тамара Тодевска по шест години ѝ донесе евровизиско финале на нашата земја.

Петров за Женски Магазин неодамна го сподели искуството за работа во просториите на престижниот магазин Вог во Њујорк.

– Нашиот прв настан во Њујорк во јуни 2017 година е вториот најзначаен бизнис момент во мојот живот. Има нешто во тој Њујорк што го нема во ниеден друг град. Баш како што вели Френк Синатра – ако успееш тука, си успеал секаде.

Настанот во Њујорк беше голем тест за нашата компанија бидејќи до 2017 година органзиравме настани само во земји во развој. Поради падот на цената на нафтата и поради ред други предизвици кои што се случуваа во земјите во кои бевме позиционирани, немавме друга опција освен да започнеме да правиме настани и во Северна Америка. И се разбира, како компанија што секогаш го одбира најтешкиот пат, го избравме центарот на светот како почеток на нашата експанзија во Северна Америка. Во Њујорк не се соочивме со предизвици од типот на тие во Иран, но имаше моменти кога си помислив дека можеби ова е преголем залак за нас. Сепак во Њујорк се случуваат најголемите настани во светот и е местото каде што се создаваат речиси сите светски трендови. Знаевме дека мора да го дадеме максимумот иако тоа значеше и влегување во ризик што можеше да значи и крај на нашата компанија. Но, како и секогаш, ризикот се исплатеше. Не само финансискии туку и чувството дека организираш настан на можеби најпрестижната локација во светот. И знаеш што? Уште од првиот момент кога стапнав во просториите на Conde Nast, имав чувство како да сум чекорел таму и претходно. Во ниеден момент не почувствував дека не припаѓам таму. И тука всушност научив една огромна лекција! Кога успехот си го заработил чесно, кога си свесен на сите жртви што си ги направил, кога знаеш колку си инвестирал во него, никој и ништо не може да те направи дека не си вреден за него! Јас и моите колеги знаевме и ден денес знаеме дека ние заслуживме да сме таму и токму поради таа наша луда верба завршивме таму! Она што на моменти изгледаше како крај на нашата приказна, всушност беше започнување на една нова приказна. И тоа беше наша приказна. Заслужено!