Верниците се редат еден зад друг. Се поклонуваат пред моштите. Го допираат платното со кое се покриени. Сето тоа се прави тивко. Монахот што постојано е покрај нив вели дека моштите се откриваат само во одредени денови, за време на големите празници. Ова духовно светилиште го посетуваат православни, католици, но и муслимани. Тука не ги делиме луѓето според верата. Свети Василиј им помага на сите, велат монасите.
Сонцето ги осветлува карпестите ѕидини на планината Острошка Греда. Излезот од Даниловград во Црна Гора води кон пат полн со кривини. Густата шума полека го открива духовното светилиште на свети Василиј Острошки. Оддалеку изгледа како да е залепен за карпата. Тоа е Горниот манастир. Во него има две пештерски цркви. Во едната лежат моштите на свети Василиј, а другиот храм бил место каде што служел светецот. Таму нема живеалишта за монасите. Тие се сместени во Долниот манастир. Меѓу нив се наоѓаат неколку цркви.
Зачудувачките погледи на верниците кон манастирот откриваат верба и надеж. Решиле да го посетат овој храм и да му се поклонат на светецот токму пред Бадник и Божиќ. Во манастирот ќе седат и на празничните литургии.
– Мајка ми е тешко болна. Дојдов да се помолам за нејзиното здравје. Верувам во исцелителната моќ на светецот – вели Ивана.
Монасите ѝ даваат света вода и масло со кое треба да го измие лицето на мајка си. Велат дека така болките ќе ѝ се намалат, а таа ќе се чувствува подобро.
Празнувањето на Христовото раѓање во манастирот се одвива исто како и во секоја православна црква. Поради големата посетеност, духовниците одлучиле овие денови да ги поминат во разговор со верниците. Велат дека само така ќе ја доловат суштината на празниците.
– Ова духовно светилиште го посетуваат православни, католици, но и муслимани. Тука не ги делиме луѓето според верата. Свети Василиј им помага на сите -додаваат монасите.
СВЕТИ ВАСИЛИЈ СЕ ЈАВУВАЛ НА СОН
Верниците се редат еден зад друг. Се поклонуваат пред моштите. Го допираат платното со кое се покриени. Сето тоа се прави тивко. Монахот што постојано е покрај нив вели дека моштите се откриваат само во одредени денови, за време на големите празници. Без благослов од владиката Амфилохије, кој е надлежен за Српската црква во Црна Гора, не може да се фотографира во црквата.
– Моштите воопшто не се распаднати. Толку се цврсти што од нив не може да се откине ниту едно парче – вели монахот Илија.
Продолжува да ја раскажува приказната како биле откриени моштите на свети Василиј.
– Светителот му се јавил на сон на некој свештеник и му рекол да го отвори неговиот гроб. Овој не го послушал, па затоа уште неколку пати свети Василиј му се јавувал на сон. Откако почувствувал дека треба да оди во Острог и да го стори тоа, свештеникот се упатил кон Острог. Откако се дал на пост, по седмиот ден го отворил гробот и го видел неговото неизгниено тело, жолто како восок од кое излегувала благопријатна миризба на босилек. Телото било пренесено во пештерската црква, каде што се наоѓа и денес – вели отецот Илија.
ПРАВОСЛАВНА ТЕРАПИЈА
На прагот од црквата стои и отецот Арсеније. Со темни очила, црвенкаста брада и широка насмевка ги пречекува сите добронамерници што дошле да се поклонат на моштите на свети Василиј. Веќе две и пол години живее во Острошкиот манастир. По струка е стоматолог, но со професијата речиси не се занимавал. Откако се замонашил, преокупација му е православната психотерапија. Се обидува да ги излечи оние што се скршени и што сфатиле дека немаат контрола над самите себеси. Вели дека терапијата е успешна само кај оние што се држат до принципите на лекувањето.
– Ги лекувам наркоманите и алкохоличарите, но и оние што се зависни од пиење разни таблети.
Секојдневно имам контакт со два-тројца духовни пациенти. Ние не можеме да одиме и да ги спасуваме луѓето на сила, туку им помагаме само ако ни се обратат. Првичната терапија е со молитва – вели отецот Арсеније.
Во манастирот најмногу се лекуваат психичките болести. Но успех има и кај оние што немаат деца.
ЗАВИСНИК, ПА МОНАХ
Налето во дворот на манастирот спијат илјадници верници. Постилаат черга и по цели ноќи се молат за спас на свети Василиј.
– Доаѓаат од секаде – од Европа, но и од другите континенти. Сите имаат различни животни приказни. На сите треба да им се даде шанса повторно да живеат нормално. Јас ги разбирам зашто и јас има преживеано многу лоши работи. Бев зависник. Ми требаше многу време да го достигнам ова ниво и да можат да го пренесам своето искуство на другите луѓе – објаснува отецот.
Вели дека посетителите што се интересираат за неговата дејност ги кани во својата одаја на разговор со сок од калинка. Тој е од ретките монаси што признале дека во минатото воделе неморален живот.
– Начинот на живот се одвива поинаку од порано. Сега сѐ се прави набрзина. Затоа нема време за чекање. Оние што искусиле нешто поинаку, нешто полошо треба искуството да го пренесат на верниот народ. Тоа е единствениот начин да им се приближиш на верниците и да им помогнеш – додава отецот Арсеније.
На верниците често им ја покажува галеријата со книги што се печатат за потребите на манастирот. Знае и да подари понекоја. Обично тоа е книгата што тој ја напишал. Се вика „Бог и рокенрол“. Во неа ги опишува трагичните судбини на своите другари од минатото, кои го загубиле животот поради дрогата. На таа тема држи и предавања. Тоа го прави на телевизија, радио или во манастирот.