За два месеци работа на лозјата во Италија, граѓаните од Источна Македонија заработуваат од 2.500 до 3.000 евра, пари од кои плаќаат сместување и храна.
Голем број граѓани од Кочани, Делчево, Македонска Каменица заминуваат на сезонска работа во Италија. Оние кои имаат искуство, велат дека станува збор за тешка работа, се работи 9 до 10 часа на ден, а се заминува исклучиво преку посредници.
„Не е лесно, мораш да спиеш во куќа со уште 20 луѓе, или во соба, со 5, 6, 7 луѓе. Се оди преку посредници и тие земаат дел од заработката на луѓето. Кога ќе дојде време за одење во Италија, во градовите остануваат само пензионери и децата кои одат на училиште. Сметајте дека пред да тргнат многумина позајмуваат пари за да стигнат до таму“, вели делчевец.
Овој човек додава дека со оглед на фактот дека овде тешко се наоѓа работа, граѓаните од Истокот немаат многу можности да бираат, и немаат друг излез.
Но, не се само лозјата. Многу граѓани одат и на берба на јаболка во Италија.
„Јас знам некои луѓе што со години живеат во Италија и таму работат на одржување на лозови насади, а само зимскиот период престојуваат во Берово. Сигурно се задоволни штом 10 и повеќе години се таму сопружниците. Еднаш кога правев муабет со нив ми рекоа дека работат таму најповеќе за да ги школуваат децата тука во Македонија, но да ги пуштат децата да го работат тоа што тие го работат, никогаш. Знам дека имаат обезбедено сместување, храна и осигурување од страна на газдите“, вели беровчанка.
Но, Италијанците велат дека оваа сума на пари е ниска и нивните граѓани избегнуваат да работат во земјоделство, па затоа се увезуваат работници од странство.
Кристина Корцето која живее во Џенова, раскажува дека собирањето на овошје, работата на село, во поле, за нив не носи многу пари, и единствено студентите повремено може да прифатат ваква работа, додека пак работата во пластеници е за нијанса поплатена. Корцето вели дека во јужна Италија се случувало да бидат гонети и луѓе кои се бескрупулозни, не ги почитуваат законите, донесуваат работници од странство, при што им задржуваат дел од парите.
„Во голем град како Милано, Торино или Џенова, изнајмувањата во центарот може да достигнат 800 евра месечно. Во најоддалечените места од центарот, кириите се движат од 250 до 400 евра месечно. За трошење, работникот троши во просек 400 или 500 евра месечно. Ако се наоѓа во јужниот дел на Калабрија, Сицилија, троши помалку на изнајмување и купување на храна. Тој успева да води достоинствен живот, но со многу тешкотии“, објаснува таа.
Сепак, вели дека ова се трошоци за поединец, додека за семејства е многу потешко и животот во Италија чини повеќе.
Извор: Фактор