Дочекот на ракометарите на Вардар во Скопје ќе оди во директен телевизиски пренос на „Арена Спорт“, телевизијата која оваа година ги имаше правата за емитување на натпреварите од Лигата на шампионите. Според најавата од српските коментатори Стеван Стевановиќ и Сретен Рашковиќ, тие доаѓаат со вардаровите ракометари во Скопје да ја прослават европската титула, но исто така и ќе вршат директен пренос од целиот настап на „Арена Спорт“.
Според најавата, директниот пренос ќе почне во 19:30 часот.
Град Скопје за ракометарите обезбеди чартер лет за кој од буџетот ќе бидат одвоени 39.500 евра, објави Сакам да кажам.
Како што најави градоначалникот Петре Шилегов на Плоштадот Македонија ќе се организира дочек на ракометарите за што се одвоени 2 милиони денари, а ракометарите од Градот ќе бидат наградени со 6 милиони денари. Во Скопје заедно со ракометарите ќе пристигнат и двајцата коментатори од Арена Спорт кои ги освоија нашите срца.
Ракометарите на Вардар вчера по вторпат ја освоија титулата европски првак откако во финалето на завршниот турнир во Келн го совладаа Веспрем со 27:24, во ситуација кога повторно, како и пред две години, им беше давана етикета на аутсајдер.
Стоилов: Бевме спремни за Келн, ама не сме подготвени за лудилото во Скопје
Капитенот Стојанче Стоилов по вторпат во својата кариера имаше можност да ја подигне европската титула и тоа по вторпат со Вардар.
За „црвено-црните“ допрва следи вистинската прослава по враќањето во Скопје, лудило за кое Стоилов вели дека не се подготвени тој и соиграчите.
-Ќе кажеш еднаш се случува, ама еве на нас вторпат ни се случи. Горд сум што сум дел од оваа екипа, секој ден е различен со овие момци, сите се легенди. Следните денови ќе биде лудило. За Келн бевме спремни, ама за тоа што следува не сме подготвени. Знаеме што ќе биде во Скопје, ама знам дека не се спремни. Ќе биде страшно лудило, ќе има многу луѓе на плоштад, треба тоа да се доживее, истакна Столе.
Направи и споредба на двете титули.
-Ова е подрага титула, ама не може да се спореди со првата. Тогаш не знаевме што е Келн, што е фајналфор. Сега веќе знаеме како да се однесуваме, полесно беше оваа година. Ама цела сезона се што поминавме, ова е наградата, вели капитенот за „Балкан Хендбoл“.