Комисијата за заразни болести официјално предложи: Полициски час од сабота во 19 до вторник во 05 часот

ИЗВОРСкопје24
|

Целосно ограничување на движењето за време на претстојниот празничен викенд, односно полициски час од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот, предложи Комисијата за заразни болести на денешниот состанок.

Причината за ваквата препорака, како што информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче, е во тоа што сите случаи на заразени во изминатите неколку деови во огромен процент се од семејни собири и настани.

„Со оглед дека има непочитување на мерките, нормално е да има нови случаи, па сметаме дека само вака ригорозна мерка ќе има вистински ефект“, рече Филипче.

Тој најави дека сите други ослободувања, вклучувајќи отворање на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час се остава за наредната недела.

Во однос на непочитувањето на мерки од голем број граѓани, Филипче вели дека повеќе пати апелирал и дека мерките мора да се почитуваат, а институциите кои имаат ингеренции мора да работат поодговорно и поинтензивно на терен.

„Имаме голема бројка на заштитни маски и ракавици и може да одговориме на потребите. На денешниот состанок имаше и членови на ДИК и се појавија дополнителни прашања на кои во текот на следните денови ќе одговори Комисијата за заразни болести. Демонтирани се шаторите на АРМ бидејќи се сосема доволни капацитетите кои ги имаме на располагање. Во овој момент шаторите беа изложени на време и ризик да бидат оштетени, а во овој период нема да ни требаат. Таму има 72 кревети и сите се со соодветен приклучок”, рече министерот за здравство, Филипче.

Во врска со обвинението за „Рекет 2″ министерот одговори дека тоа е дадено на институциите и дека нема да го коментира.

За патувањата на наши државјани надвор од границите и за одење на летување, Филипче одговори дека нивна цел е да обезбедат што побезбеден престој надвор од нашите граници и дека доколку некој заболи таму каде патува, да може да добие бесплатна здравствена заштита.

“Во моментот кога ќе се отворат границите можно е сите стратегии да паднат во вода и затоа нема потреба од брзање и треба многу внимателни чекори. На ова прашање треба да се пристапи многу внимателни. Наша обврска е да обезбедиме услови да патувањето и престојот да бидат што побезбедни”, појасни Филипче.