По повеќе од четири месеци откако беше оштетен, ЕСМ и Град Скопје конечно се договорија да се почне со поставување на новиот топловод на мостот „Беласица“. Од компанијата соопштуваат дека ќе дадат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Од регулаторна чекаа да се почне со активностите и најавија дека најдоцна до почеткот на идниот месец ќе ја соопштат новата цена на парното. Првиот човек на РКЕ, Бислимовски уверува- ценовен шок нема да има. Топловод сè уште не е поставен, но во нивните пресметки тие ќе сметаат како тој да работи.
Во меѓувреме, конфликтот на Блискиот исток ги вивна цените на енергенсите на берзите. Повисоки цени добија нафтата, гасот струјата. Од РКЕ велат дека засега ваквата состојба нема некое сериозно влијание врз цените за крајните потрошувачи и се надеваат дека ситуацијата нема да се влоши.
Топловодот беше оштетен во мај, поради пожар кој го зафати мостот „Беласица“. РКЕ, иако неколку пати предупреди на време да се постават нови цевки за да може да се користи целосно поевтината енергија од Те-То, затоа што онаа од другите топлани е поскапа, градот Скопје и ЕСМ со месеци се натегаа кој треба да ја заврши работата. Во моментов, додека се заврши со санацијата, за испорака на топлинска енергија се користи алтернативата на железничкиот мост.
Грејната сезона почна на 15-ти месецов, но некои домаќинства сè уште немаат греење, поради технички проблеми за кој ЕСМ тврди дека не се одговорни. Уште еднаш апелираа до заедницата на сопственици да ги отстранат дефектите во внатрешните инсталации.