Корона вирусот се пренесува и од заболени без симптоми

ИЗВОРНов Лист
|

Лекарите во Кина пријавиле асимптоматско ширење на корона вирусот, откако забележале случај во кој шест од седум членови на едно семејство заболени од висурот, вклучително и десетогодишно дете, кај кое не се појавиле симптоми.

Откако се вратиле од централнокинескиот град Вухан, од каде се прошири корона вирусот во повеќе земји во светот, петмина членови на едно семејство се јавиле во болница во Шенжен со симптоми на треска о респираторни проблеми за кои докторите велат дека се манифестираат три до шест дена по изложеноста на вирусот, пренесе британски „Индипендент“.

Еден член на семејството кој патувал во Вухан не е заразен, но друг член кој не патувал во тој град е заболен од вирусот. Тој поминал некое време со роднините кои биле во Вухан.

Епидемијата на корона вирусот има големи сличности со ширење на заразата САРС од 2003 година кога починаа 774 луѓе.

Македонија за сега не поставува термо камери на аеродромите заради коронавирусот

Пишува: Петар Догов за Телма

Коронавирусот брзо се адаптира и мутира, и тешко се држи под контрола. Во Кина бројката на заболени вртоглаво расте од час во час, досега се изброени над 1300 луѓе. За десетина дена тамошните власти ќе изградат цела една болница за инфицираните во местото кое е најпогодено со заразата – градот Вухан. Во Хонг Конг, седуммилионски град прогласена е вонредна состојба.

Кинескиот претседател го свика Политбирото за вонредно да заседаваат и кинеската армија има распоредено повеќе од четиристотини лекари во местото од каде што започна да се шири вирусот. Во Европа веќе се регистрираат првите случаи – тројца пациенти се лабораториски потврдени во Франција.

Кај нас се уште не треба да се крева паника, смирувачки коментираат лекарите. Од Институтот за јавно здравје утрово објавија прирачник за патници и препораки за оние кои патуваат и се под зголемен ризик. Опасниот коронавирус има симптоми како и обичниот грип, а најверојатно се појавил на животинските пазари во Кина.

На скопскиот аеродром при влез во државата се уште нема насоки од здравствените власти да се скенира со термо-камера дали некој патник има зголемена температура и дали евентуално е носител на вирусот.

Ова е одлука на Комисијата за заразни болести донесена завчера, за Телма брифира претседателот Миле Босилковски. Во меѓувреме, светот се ангажираше околу овој нов вирус кој се појави во најнаселената земја во светот. На интернет има автоматски мерач на бројот на заразени, починати и оздравени од болеста. Со црвени точки на светска мапа пишува каде има луѓе кои се носители на вирусот. Болен има и во Австралија, има и во Америка. Засега светските епидемиолози имаат регистрирано 41 смртен случај.