Ескалира состојбата на северот на Косово. Косовски полицаец е смртно застрелан, а уште двајца се ранети рано утрината, откако непознати маскирани лица отвориле оган врз патрола во селото Бањска, општина Звечан. Според косовските власти, се работело за своевидна заседа, бидејќи косовските полицајди дошле да интервенираат на локалниот мост каде биле поставени два камиона. Тогаш кон нив бил отворен оган, по што во текот на целиот ден, во регинот се слушале рафали, како што пишуваат косовските медиуми.
Додека косовскиот премиер, Албин Курти, кој нападот го нарече „терористички“ тврди дека вооружени и маскирани лица ја напаѓаат косовската полиција се финансирани од Белград, српските челници засега се воздржуваат од коментари кој стои зад нападите. На вонредната прес-конференција која следеше по седница на косовскиот совет за безбедност Курти објави и фотографи од наводните напаѓачи, кои според косовските медиуми, се кријат во манастирот во селото. Курти соопшти дека вооружената група е под опсада и им порача да се предадат…
„Нападите на вооружените групи продолжуваат. Има најмалку 30 тешко вооружени лица кои се опколени од нашите сили и ги повикувам да се предадат. Тие се оние кои ја напаѓаат нашата полиција. Сторителите и нивните наредбодавачи ќе бидат фатени и казнети .Нашите полицајци, откако беа попречени на патот, беа нападнати со различно оружје, вклучително и рачни бомби. Денеска е тежок ден за нашата земја. Го осудуваме овој терористички напад. Злосторството е финансирано од официјален Белград. Ние го штитиме и спроведуваме законот и независно Косово.
За попладнево се најавена и пресконференција на српскиот претседател Александар Вучиќ. Од српска страна, досега единствено јавно се огласи собранискиот претседател Владимир Орлиќ, кој кажа дека Курти побрзал да вперува прст кон Србија без точно да се знае што се случило.
„Курти, побрза прво да ги обвини Србите, да каже дека тоа е некаква организирана акција и дека тоа го правеле некои професионалци, сигурно во меѓувреме ги легитимирал лично, па знае кои се и што се, значи јасно ви е се. Но, ако зборуваме за тоа кому му одговара насилство, од било каков вид – тоа е исклучиво Албин Курти и тоа сите го знаат. И се што направи во претходните месеци со најбруталниот можен терор што го вршеше врз голиот српски народ, го направи токму затоа што сакаше отворена ескалација и затоа што сакаше да доведе до некакво насилство.“
Во меѓувреме има полициски блокади на сите приоди кон селото Бањска, а тоа ги спречува и лекарите од брза помош да дојдат до домовите на луѓе кои бараат итен медицински третман.
„Имавме повик. Не повика човек од Бањска, но не не пушта полицијата да отидеме до кај него. Човекот може да умре во секој момент, а ние не можеме да стигнеме, не знам од каде да одам. “
„Зошто не пуштаат?“
„Не знам, не дозволуваат да поминам.“
Освен косовската полиција и КФОР и ЕУЛЕКС го обезбедуваат влезот на селото Бањска каде утринава беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку. Премините Јариње и Брњак во правец на Косово се затворени
Во меѓувреме осуда со барање за утврдување на фактите и одговорност стигна од претставниците на ЕУ и САД. Според високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во тековните конфликти во околината на манастирот Бањска се загрозени и животи на невини и повика сите да работат на деескалација на ситуацијата. Амбасадорот на САД во Косово Џеф Ховениер пак, порача додека дека мора веднаш да се прекинат нападите, а сторителите да се соочат со правда. Денешните инциденти следат по неуспехот на последната рунда преговори меѓу Вучиќ и Курти во Брисел, кои останаа зацементирани во ставовите околу формирањето на ЗСО и Договорот за нормализација на односите.