Ковачевски му врати на бугарскиот претседател: Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав

|

Откако вчера премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд јавно го спореди односот на Бугарија кон Македонија со односот на Русија кон Украина, денеска тој повторно излезе со остра порака, овој пат насочена кон бугарскиот претседател Румен Радев.

Одговарајќи на новинарско прашање, како го коментира ставот на Радев дека Северна Македонија може да каже дека гради модерно општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во Уставот, Ковачевски му порача:

„Откако работната група за уставни измени ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав“.

Тој нагласи дека уставните измени се дел од преговарачката рамка со Европската Унија, „бидејќи ние преговараме со ЕУ, не со Бугарија“.

„И затоа сметам дека тоа е нешто што ќе тече како процес и е нешто што треба да се случи со оглед на тоа дека државата треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи граѓаните го заслужуваат тоа“, беше дециден Ковачевски.

Претседателот на Бугарија денеска во изјава за БГНЕС порача дека „раководството на РСМ може да претендира дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе смогне сили да ги запише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

Тој истакнува дека составен дел од преговарачката рамка на С Македонија со ЕУ е и протоколот потпишан меѓу Скопје и Софија во рамките на кој тој не гледа напредок.