Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе го покани на состанок претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ковачевски истакна дека ова би се случило во наредните десет дена, а на маса тој би поставил две теми за разговор со лидерот на опозицијата.
„Првата тема ќе биде носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, а втора усогласување на ставови за односите со сите соседни држави на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека кога станува збор за националните и државните интереси на Македонија, претседателот на партијата е подготвен да разговара во било кое време.
„Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба, меѓу другото, да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставни измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.