КСС ги прекинува протестите, најавува кривични пријави поради притисоци врз вработените во јавниот сектор

|

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) ги прекинува протестите што најави дека секојдневно ќе ги одржува пред Собранието и Владата барајќи усогласување на платите со минималната плата.

Одлуката е донесена по состаноците на Извршниот одбор на синдикатот одржани во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Причината за слабиот одзив на вчерашниот протест, според КСС, се притисоците што се вршени врз вработените во јавниот сектор поради што најавуваат кривични пријави.

– Согледувајќи и анализирајќи ги сите информации коишто пристигнаа од наши членови и синдикални претставници, добивме слика на еден жесток политички притисок кој во текот на вчерашниот ден се случувал во јавниот сектор. Имајќи ги во предвид реперкусиите кои можат да се случат врз нив, всушност КСС има долгогодишно искуство со деградирање и давање откази на наши членови заради синдикални активности, донесовме одлука во дел од институциите да поднесеме кривични пријави против непознати лица, се со цел да го заштитиме идентитетот на членовите кои поради нивниот исказ би можеле да доживеат голем број непријатности на своите работни места, наведува КСС во денешното соопштение.

Најавуваат дека будно ќе го следат развојот на исполнување или неисполнување на законските обврски за работниците во јавниот сектор.

КСС најави секојдневни протести кои требаше да почнат од вчера барајќи зголемување на бодот на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се задржал распонот меѓу останатите плати. Не се согласуваат со Предлог-измените на Законот за административни службеници со кој, според нив, зголемувањето на платите би било од 100 до 200 денари.