КСС со подршка за штрајкот на СОНК и повик до родителите за солидарност кон просветните работници

|

КСС во минатото постојано укажуваше на лошата состојба на вработените во јавниот сектор, а сега застанува со поддршка за СОНК кои најавија штрајк.

-Своето незадоволство гранските синдикати го искажаа низ низа протести особено во првата половина на оваа година. Барањата се исти, усогласување на платите согласно покачувањето на минималната плата за 25%, К-15 за вработените во јавниот сектор. Предочивме и на лошиот социјален статус на нашите членови, но очигледно надлежните останаа глуви. Платите на министрите се усогласија согласно законите, но не и платите на вработените во јавниот сектор, иако законот го предвидува тоа. КСС и гранските синдикати најавуваа дека ќе го радикализираат своето делување, но Владата повторно остана глува. Затоа КСС одлучно стои позади барањата на СОНК и со сите свои ресурси и логистика го поддржува штрајкот, се наведува во соопштението на КСС.

Од таму порачуваат дека просветните работници се понижени со своите лични примања најниски во регионот и во Европа.

-Просветните работници заслужуваат повеќе, заслужуваат почит и треба да бидеме свесни дека тие се ‘рбетот на едно општество, а тој во моментов е загрижувачки искривен. Без заслужената плата, без мотивиран професор не можеме да очекуваме резултати во иднина, не можеме да очекуваме здрави генерации кои треба да ја водат нашата држава. Затоа ги повикуваме и родителите да искажат силна солидарност спрема вторите родители на нивните деца и одлучно да ги поддржат наставниците да се изборат за статусот кој го заслучуваат. Членови на СОНК, КСС со сите грански синдикати е со Вас и Ве поддржуваме да издржите во овие тешки моменти за Вашата професија. Сите заедно, се разбира на чело со Вас, покажавме дека синдикалното движење сеуште постои и затоа со цела енергија и ресурси, со стремеж за подобар живот и почитуван наставник, Ве повикуваме на 2ри септември, сите заедно, ние, вие и родителите да го поддржиме штрајкот и покажеме единство и истрајност за почитување на вашата професија, велат од КСС.

Доколку Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) одлучи да има предупредувачки штрајк на вработени во образовната дејност, родителите по сè изгледа ќе треба да прашаат во училиштето дали детето да појде на настава на 2 септември на настава.